Земјите членки на ЕУ ги интензивираат подготовките за прием на нови земји

Пишува: Борјан Јовановски

Група експерти од Германија и Франција работи на нов предлог за да ја адаптира ЕУ за прием на нови земји членки, изјави германската министерка за Европа Ана Лурман пред Советот за општи работи на ЕУ.

„Овде, на Советот за општи работи, секогаш сме зафатени со подготовка на ЕУ за проширувањето што ќе се случи со нови земји-членки. И затоа во јануари основавме германско-француска група експерти, која првенствено се занимава со тоа како да се подготвиме за оваа рунда на проширување“, рече Лурман.

Таа нагласи дека претставниците на двете земји неодамна имале вечера со сите свои колеги од земјите членки, на која експертската група ги презентирала резултатите од работата.

Дека Германија и Франција работат на нови модалитети за проширување на ЕУ потврди и француската државна секретарка за Европа Лоренс Бун која посочува дека проширувањето веќе не е во прашање, туку начинот на спроведување на тој процес.

„Имавме неформална вечера за да почнеме да зборуваме за проширувањето. Бевме присутни 27 од нас министрите задолжени за Европа. Никој не се сомневаше дали треба да има проширување, сите се согласуваат дека тоа треба да се направи и тоа брзо“, рече Бон.

„Постојат три важни прашања – првото е поврзано со фактот дека ЕУ треба прво да го поднесе овој „шок“, па како да ги реформираме нашите политики, нашиот буџет и институции“, нагласува францускиот претставник.

Не помалку важен предуслов е земјите кандидати да бидат подготвени.

„Има реформи за тоа, но мора да се посветиме и да им помогнеме да ги спроведат тие реформи, особено во владеењето на правото, вели Бон.

Како што беше соопштено диксусијата во овој формат ќе се интензивира и ќе трае во текот на целата година.

Во меѓувреме се профилираа две нефромални групи на земји членки кои разговараат за иднината на ЕУ и предизвиците на кои треба да одговори. Едната група се нарекува „Група на пријатели“, додека другата, исто така неформална, се нарекува „Атлантска“ и ги обединува земјите членки на ЕУ кои излегуваат на Атлантскиот океан.

Целта на Групата на пријатели е да ја подобри ефективноста и брзината на нашето одлучување во надворешната политика. Во контекст на руската агресивна војна против Украина и растечките меѓународни предизвици со кои се соочува ЕУ, членките на Групата се убедени дека на надворешната политика на ЕУ и се потребни адаптирани процеси и процедури со цел да се зајакне ЕУ како надворешнополитички актер. Подобреното одлучување е исто така клучно за да се направи ЕУ поефикасна за иднината, се вели во соопштението на Групата на пријатели која ја сочинуваат Белгија, Финска, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Холандија, Словенија, Шпанија.

Групата има за цел да постигне напредок во однос на поефикасното одлучување во ЗНБП на прагматичен начин, фокусирајќи се на конкретни практични чекори и градејќи се на одредбите кои се веќе предвидени во Договорот за Европската унија, се вели во ова заедничка изјава на 9 земји членки на ЕУ.

На слични теми со акцент на проширувањето и предизвикот да се интегрира Украина во ЕУ неодамна во Порто се одржа и состанок на Атлантската група во која членуваат Данска, Франција, Португалија , Шпанија, Ирска , Белгија и Холандија.

Оваа група на земји членки се фокусира на институционалните и буџетските предизвици предизвикани од проширувањето на ЕУ. На оваа тема се очекува и формална дискусија на Европскиот совет во јуни. (НоваТВ)

Треба да знаете
Moже да ве интересира