Жените почесто умираат од топлотни бранови: научниците предупредуваат на поголем здравствен ризик

Сè почестите топлотни бранови, предизвикани од климатските промени, претставуваат сериозна закана за јавното здравје. Научните анализи покажуваат дека жените почесто умираат од последиците на екстремната жештина отколку мажите, особено во постара возраст. 

Според истражувањата, женскиот организам потешко ја регулира телесната температура за време на екстремни горештини. Кај повозрасните жени способноста за ладење на телото дополнително се намалува, што го зголемува ризикот од топлотен удар, срцеви и други здравствени компликации. 

Дополнителен фактор е тоа што жените во просек живеат подолго од мажите, па поголем дел од женската популација е во возрасните групи кои се најранливи на топлината. Светската здравствена организација предупредува дека екстремните температури го зголемуваат ризикот од смрт кај лицата со кардиоваскуларни, респираторни и други хронични заболувања. 

Истражување за топлотниот бран во Европа во 2022 година покажа дека, споредено со бројот на жители, стапката на смртност поврзана со жештините била за околу 56 проценти повисока кај жените отколку кај мажите. Најпогодени биле лицата постари од 80 години. 

Во меѓувреме, Европа бележи рекордни бројки на смртни случаи поврзани со топлотните бранови. Само за време на екстремните горештини во 2026 година се проценува дека во повеќе европски земји имало над 10.000 дополнителни смртни случаи, најмногу кај повозрасната популација. 

Експертите препорачуваат во периоди на екстремна жештина граѓаните да избегнуваат престој на сонце во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности, да престојуваат во разладени простории и особено да се внимава на повозрасните лица, хронично болните и бремените жени.

Најчитано