Судот пресуди: Зоран Јованов не е виновен за смртта на Фросина Кулакова

Основниот кривичен суд донесе ослободителна пресуда за Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов, оценувајќи дека не постојат законски основи за негова кривична одговорност во случајот со смртното прегазување на Фросина Кулакова.

Основниот кривичен суд донесе ослободителна пресуда за Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Несреќата се случи кога Васил Јованов, управувајќи возило во сопственост на неговиот татко, ја удри Кулакова додека таа минувала на пешачки премин. Случајот предизвика големо внимание во јавноста и отвори дебата за одговорноста во вакви трагични настани.

Во образложението на пресудата, Судот наведе дека кривичната одговорност не може да се темели само на фактот што обвинетиот бил сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син го управувал без возачка дозвола.

„Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото“, се наведува во судската одлука.

Според Судот, непосреден причинител на трагедијата бил возачот како самостоен учесник во сообраќајот, а повторувањето на прекршочно однесување не може автоматски да се квалификува како кривично дело доколку не се исполнети законските услови.

Во текот на постапката, јавниот обвинител Александар Марковски ја преквалификувал обвинителната квалификација во поблаго кривично дело – загрозување на безбедноста во сообраќајот.

Одлуката ја донесе судијката Снежана Марковска, која претходно му изрече затворска казна на Васил Јованов за сообраќајната несреќа.

Трагедијата предизвика силни реакции во јавноста и повеќе протести, откако беше објавено дека Васил Јованов управувал автомобил под дејство на алкохол, без возачка дозвола и поминал на црвено светло пред да удри во Фросина Кулакова.

Најчитано