САД и Јапонија неодамна најавија план за распоредување HIMARS ракети на јапонските острови Нансеј во близина на Тајван, ова предизвика жестока реакција од страна на Кина и Русија.
Информацијата за ова беше објавена неделава од новинската агенција „Киодо Цусин“ која се повика на неименувани извори, јави синоќа Гласот на Америка. Планот се очекува да биде готов до декември.
Од групата острови Нансеј, најблискиот до Тајван е оддалечен 200 километри, ракетите имаат многу поголем дострел. Во составот на групата острови влегува и Окинава, каде што е стационирана американски воена база. САД можат да ги користат ракетите за заштита на Тајван во случај да се реализираат заканите од инвазија од страна на Пекинг. Самоуправата на Тајван е независна од Пекинг, а за Кина островот е дел од нејзината територија.
Овој план е првиот заедничка оперативен чекор на САД и Јапонија за подготовка за потенцијален вооружен конфликт меѓу Кина и Тајван. Според податоците на „Киодо Цусин“, планот предвидува создавање привремени бази на островите Нансеј за распоредување на системите. Јапонските сили за самоодбрана треба да обезбедат логистичка поддршка, вклучувајќи гориво и муниција.
На прес-конференција неделава, претставник на кинеското Министерство за надворешни работи го критикуваше планот.
-Кина е против тоа релевантни земји да го користат тајванското прашање како изговор за дополнително воено распоредување во регионот, што ја зголемува тензијата и конфронтацијата, нарушувајќи го регионалниот мир и стабилност, изјави претставникот.
Претставничката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, даде уште построга изјава.
-Ние повеќепати ја предупредивме јапонската страна дека ако како резултат на таквата соработка на нивна територија се најдат американски ракети со среден дострел, тоа ќе претставува реална закана за безбедноста на нашата земја и ќе бидеме принудени да преземеме соодветни мерки за зајакнување на сопствената одбранбена способност, рече таа, пренесе ТАСС.
Иако Русија и Кина немаат официјален воен договор, рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Кина, Си Џинпинг, зборуваат за „неограничено“ партнерство, додека САД ја обвинуваат Кина дека ги поддржува руските воени напори против Украина.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција на состанокот на Г-7 завчера во Италија изјави дека со то што го подржува рускиот воено-индустриски комплекс „Кина овозможува на Русија да продолжи со агресијата врз Украина.“
И покрај запалливата реторика на Москва, аналитичарите сметаат дека распоредувањето на HIMARS во регионот е насочено првенствено кон заштита на Тајван од кинеските воени бродови.
Според Мајкл О’Хенлон, постар истражувач во Институтот Брукингс, „главната улога на HIMARS ќе биде неговиот противбродски потенцијал, како и заштита на островот и самата база.“
Командантот на Индотихоокеанската команда на САД, адмиралот Самуел Папаро, на форум организиран од Институтот Брукингс минатата недела, изјави дека ова лето Кина ја изведе најголемата до сега симулација на инвазија врз Тајван со учество на 152 брода. Тој предупреди дека САД „мора да бидат спремни.“