Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Македонско село“ ќе ги отвори вратите напролет, се бара нов закупец

Комплексот „Македонско село“ во Горно Нерези, кој шест години е затворен, напролет повторно ќе прими посетители. Владата најави дека до крајот на месецот ќе објави оглас за изнајмување на објектот, кој ќе биде даден под закуп на приватна фирма.

Новиот закупец ќе треба да отвори угостителски објекти и да обезбеди туристички услуги, вклучувајќи ноќевања во куќите кои го претставуваат духот на различните македонски региони.

Комплексот, отворен во 2016 година, престана да функционира во 2018 година, откако претходните концесионери – „Тинекс“ и хотел „Квинс“ – се повлекоа поради финансиски загуби. Иако во изминатиот период беа најавувани проекти како стартап село, тие останаа нереализирани.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, истакна дека комплексот е во запуштена состојба.

„Се соочивме со искршени клупи, оштетени кровови и нефункционални електрични возила. Сепак, внатрешноста на куќите е зачувана. Се врши проценка, по што ќе го објавиме огласот за закупец,“ изјави Томовски.

Комплексот ќе се издаде на најмалку 10 години, со цел да се овозможи исплатливо вложување. За санација ќе бидат потребни најмалку 200.000 евра, а отворањето се планира до 1 мај.

Иако не работи, СОЗР редовно ги подмирува трошоците за осигурување и обезбедување. Досегашните финансиски загуби достигнаа 350.000 евра, на кои ќе се додадат и средствата за обновување.

„Македонско село“, изградена со 5,2 милиони евра и дополнителни 1,3 милиони за внатрешно уредување, претставува туристичка атракција за промоција на македонските традиции и занаети.

Комплексот се состои од 12 автентични куќи, со долни катови за демонстрација на занаети и горни катови како хотелски соби. Новата иницијатива има за цел да ја врати туристичката и културната вредност на ова уникатно место и да го претвори во ресурс кој ќе привлече посетители и ќе придонесе за економски развој.

Зачлени се на нашиот е-билтен