Познатиот еколог и професор по биологија Кирил Арсовски Пржо тврди дека Скопје го има најзагадениот воздух во Европа. Оваа сериозна констатација ја поддржува со објави на социјалните мрежи, каде детално објаснува и разоткрива неколку чести митови поврзани со аерозагадувањето во главниот град.
-Истражувањата од над 100 научни трудови, поддржани од домашни и меѓународни институции како Европската комисија, UNDP и UNICEF, покажуваат дека воздухот во Скопје е сериозно загаден. Ова е потврдено со различни методи, од сензори до сателитски снимки и лабораториски анализи, вели тој.
Според него историски, загадувањето во Скопје било документирано уште во времето на Југославија, со воведување закони и мерки за заштита на воздухот. Наталожените загадувачки материи во почвите околу градот го потврдуваат тоа.
-Иако големите индустриски загадувачи се затворени, нови извори на загадување, како домашното греење, сообраќајот и градежната индустрија, придонесуваат за денешното ниво на загаденост, вели тој.
Тој исто така додава дека иако загадување постои во урбаните центри низ Европа, ниеден главен град нема толку екстремен воздух како Скопје.
Професорот Пржо нагласува дека проблемот со аерозагадувањето во Скопје е резултат на локални емисии, топографијата и атмосферските услови. Тој апелира за научно засновани и дисциплинирани решенија за подобрување на квалитетот на воздухот.
“Не можеме да ја смениме топографијата или климата, но можеме да воведеме ефикасни мерки за контрола на загадувањето,” заклучува тој.