Хрватска денеска тагува – прогласен е Ден на жалост поради трагичниот напад во основното училиште „Пречко“ во Загреб. Напаѓачот, 19-годишно момче и поранешен пациент на психијатрија, во петокот ги нападна учениците и наставниците. За жал, едно дете го загуби животот, а наставничката со тешки повреди се наоѓа на интензивна нега во болницата „Свети Дух“.
По инцидентот, напаѓачот се обидел да си го одземе животот и е префрлен во истата болница.
„Наставничката е стабилна, но сѐ уште дише со помош на механичка вентилација. Денес е планирана дополнителна дијагностика за нејзиното лечење,“ изјавија од болницата за 24sata, потврдувајќи дека таа има 31 убодна рана.
Училишната зграда сѐ уште е под опсада на полицијата. Полициски ленти го обиколуваат местото на нападот, додека истрагата продолжува.
Хрватската јавност е шокирана од овој немил настан кој го отвора прашањето за безбедноста во училиштата и поддршката за менталното здравје на младите.