„Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ експресниот пат Страцин – Крива Паланка можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година“, рече пратеникот на СДСМ. Благој Бочварски, откако премиерот Христијан Муцкоски рече дека неговата влада го завршила патот.
„За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш опозициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО- ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог на законот за грант вреден 14 милиони евра кој беше потребен за завршување на овој експресен пат“, рече Бочварски, додавајќи дека станува збор за завршен патен правец и дека од утре граѓаните ќе може да ги почувствуваат придобивките за стратешките проекти започнати во време на владата на СДСМ.
„Со гордост ја споделуваме веста за завршување на експресниот пат Страцин – Крива Паланка. Овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година и над 90% беше веќе реализиран до средината на 2024 годин“, рече пратеникот на СДСМ Благој Бочварски по повод пуштањето на експрерсниот пат од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
Бочварски потенцираше дека станува збор за стратешки проект, стратешка инвестиција која е многу важна за развојот на североисточниот регион и кој значително ќе придонесе за подобрување на поврзаноста, за економскиот раст и развој, како и за квалитетот на живот на граѓаните на Крива Паланка и околината.
Бочварски кој во владата на СДСМ беше минситер за транспорт и врски појасни дека во рамки на проектот беше изградбата на двете делници: Делница Длобочица – Чатал (Страцин) со должина од 15,5 километри и Делницата од Крива Паланка до Длобочица, со должина од 10 км., или со вкупната должина на експресниот пат е 25,5 километри.
„Целиот проект е вреден 94 милиони евра, финансиран преку средства од Светска банка и грантови како дел од нашиот најзначаен Коридорот 8. Со овој пат жителите од целиот регион ќе можат побрзо и побезбедно да патуваат меѓу Куманово и Крива Паланка, но добиваме модерно патно поврзување по една од најкомплексните делници во нашата држава, во североистокот, добивме подобра поврзаност Скопје- Софија нешто што ќе влијае на развојот на трговијата, економијата и туризмот.“, рече Бочварски.
Тој појасни дека стариот пат беше со многу свиоци по кој бавно било движењето на тешките товарни возила.
„Конечно, граден по највисоки стандарди преку кој избегнуваме многу црни точки, која наликуваше на делница од 19 век а добиваме безбедност при патувањето за нашите граѓани и за сите учесници во сообраќајот. Во северноистичниот дел на земјата СДСМ инвестираше многу, особено во делот на инфраструктурата, патиштата и развој на целиот овој регион. И тоа граѓаните од овој крај добро го знаат“, рече Бочварски.
Според поранешниот министер за транспорт и врски, покрај овој пат, Владата на СДСМ, реализирала и други значајни инфраструктурни проекти, како што се реконструкцијата на патниот правец Куманово – Страцин, целосна реконструкција и проширување на патот Крива Паланка – Деве Баир, Куманово – Свети Николе како и изградба и реконструкција на мостови како и многу патни правци кон руралните средини.
„На крај сакам да се заблагодарам на сите досегашни раководители на државните институции во изминатите 6 години, на сите инженери, вредните градежни работници кои работеа во поволни, но и неповолни временски услови, на сите надзорни инженери и проектанти, без кои денеска немаше да можеме да зборуваме за оваа голема придобивка за граѓаните, но и за подигнување на безбедноста но и конкурентноста на македонската патна инфраструктура“, рече Бочварски.