Министерството за финансии информира дека буџетот за 2024 година е реализиран со 96% од планираните приходи и расходи, со раст од околу 10% во однос на претходната година. Буџетскиот дефицит е понизок од проекциите, изнесувајќи 4,4% од БДП, што е за 2,5 милијарди денари под предвиденото.
Во 2024 година, вкупните приходи изнесувале 306,3 милијарди денари (96,3% од планираното). Даночните приходи достигнале 99,7%, со високи резултати кај ДДВ (103,8%) и данокот на личен доход (101%). Придонесите за социјално осигурување изнесуваат 105,7 милијарди денари, со раст од 14,1% во споредба со 2023 година.
Расходите во 2024 година достигнале 348,5 милијарди денари, реализирани 96,1% од планираното, со капитални инвестиции од 28,7 милијарди денари. Изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10-д е целосно финансирана, а дополнителни средства се насочени кон општинските проекти и субвенции за земјоделството.
Јавниот долг за 2024 година ќе биде на ниво од 62,2%. Според критериумите на Светска банка, земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, а кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.
Министерството додава дека 2025 година започнува со стабилни и ликвидни јавни финансии, што создава солидна основа за економски развој.