Истражувањата покажуваат дека голем дел од младите луѓе под 35 години, како на клучните пазари како што се САД, така и на светско ниво, се одлучуваат да се откажат од алкохолот. Овој тренд доведе до значителен пад на продажбата на шампањско, пишува „Гардијан“.
Според податоците, француските производители на шампањ овој јули намалиле откупот на грозје, откако продажбата паднала за повеќе од 15% во првата половина на 2024 година. „Комитетот за шампањ“ (Comite Champagne) известува за намалување на испораките за 9,2% во споредба со 2023 година.
По зголемената побарувачка за време на Ковид пандемијата, која во 2022 година достигна 326 милиони шишиња, продажбата започна да се намалува. Во 2023 година продадени се околу 299 милиони шишиња, што е пад од повеќе од 8%, додека во 2024 година продажбата паднала на 271 милион шишиња.
Производителите на шампањско посочуваат дека падот на испораките е последица на глобалната загриженост за економската и политичката ситуација, како и зголемената понуда на поевтини алкохолни пијалаци на светските пазари.