Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) се соочува со сериозни финансиски и кадровски проблеми, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. И покрај континуираниот раст на приходите, дефицитот во Фондот останува висок, а истовремено се откриени нерегуларности во исплатите на плати и награди.
Во 2023 година, ПИОМ собрал рекордни 63 милијарди денари од придонеси, но повеќе од 30% од потребните средства за исплата на пензии биле покриени со државни трансфери. Причина за тоа е недоволниот број активни осигуреници – трошоците за еден пензионер во просек ги покриваат двајца вработени.
Но, финансиските предизвици не се единствениот проблем. Ревизорите откриле дека 206 лица биле на платниот список на ПИОМ без докази дека реално доаѓале на работа. Дополнително, во 2023 година биле исплатени 2,5 милиони денари за награди по основ на „особени залагања“, без соодветна документација што ја оправдува исплатата.
Извештајот нотира и дека ПИОМ долги години се соочува со недостиг на стручен кадар, особено во клучните сектори како подрачните единици, ИТ одделението и внатрешната ревизија.
Покрај тоа, ревизијата посочува и на прекршувања на Изборниот законик од страна на претходната влада, која два месеци пред распишувањето на изборите донела Закон за финансиска поддршка на социјално ранливите категории, со што во предизборниот период биле исплатени речиси 2 милијарди денари.
Долговите на пензионерите се уште еден товар за Фондот – извршителите во 2023 година повлекле над 4 милиони денари од нивните сметки за покривање на долгови.
Дополнителен проблем е и лошата состојба на подрачните единици – ревизијата покажала дека ниту еден од објектите не ги исполнува основните хигиенски стандарди. Лоши услови за работа, уништени натписи и несоодветно складирање на документацијата го отсликуваат алармантното функционирање на ПИОМ.