Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Институтот за социологија, контра Јаневска: Нацрт-концепцијата ја девалвира социологијата

„Наместо да го осовременува и надоградува постојниот модел на социолошко и хуманистичко образование во гимназиите, нацрт-концепцијата изработена од  Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, истиот го редуцира и го враќа како во времето на почетокот на осумдесеттите години кога социологијата во средните училишта и факултетите беше заменет со предметот марксизам и самоуправување! “, се вели во реакцијата со забелешки на професорите од Институтот за социологија.

Во изнесените забелешки од Институтот за социологија се наведува дека нацрт-концепцијата има сериозни концептуални слабости од кои произлегуваат и проблемите со моделот на социолошкото образование во неа. Како најголема слабост се истакнува негаторскиот став кон општествените и хуманистичките знаења, науки и дисциплини воопшто.

Поаѓајќи од ваква погрешна претпоставка, нацрт-концепцијата на три начини ја девалвира социологијата како наука и како наставен предмет.

А) Од задолжителен предмет во важечката концепција, нацрт-концепцијата предвидува целосно истиснување на социологијата од задолжителното образовно јадро во гимназиите.

На местото на социологијата во втора година, како задолжителен предмет се воведува предметот психологија! Тоа значи дека концепцијата ја прифаќа како основана тезата дека денес веќе нема општество, нема нација, нема култура, туку само изолирани единки – мажи, жени или трето?!

Како социолози, свесни сме дека во ова крајно индивидуализирано и егоистично општествено опкружување младите се соочуваат со силни стресови и лични предизвици. Но, без социолошко поврзување на таквите искуства со општествените сили и процеси, индивидуалните трауми ќе се зголемуваат и ќе кулминираат во уште поголеми изливи на фрустрации, нецивилизираност, вандализам и други антиопштествени поведенија од различен вид. Затоа цениме дека задржувањето и зајакнувањето на местото на социологијата како задолжителен предмет е од суштинско значење за личниот развој и општествената интеграција како главни цели на гимназиското образование.

Б) Второто деградирање се состои во тоа што како поважен и порелевантен од социологијата како задолжителен се воведува предметот – граѓанско образование!

Ова решение потсетува на минатите политики за замена на социологијата со марксизам и самоуправување или, уште порано, со историски материјализам! Се прашуваме дали на социологијата ѝ се повторува историјата – образовните власти да ја третираат како буржоаска, граѓанска наука и како таква идеолошки неподобна за изготвувачите на нацрт-концепцијата? Се чини дека ваквиот однос на изготвувачите е израз и продолжение на идеите на круговите од нашето општество кои пред некоја година јавно спалуваа примероци од учебник по социологија поради етнички преокупации, покренуваа судски постапки против автори заради несогласување со содржини во врска со полово-родовата тематика, или изложуваа на јавна стигма содржини поврзани со класните нееднаквости во општеството.

В) Третото подривање на статусот на социологијата во нацрт-наставниот план за гимназиско образование е направено со номинално категоризирање на социологијата во групата „изборни предмети на почетно изучување“ (стр. 24).

Во оваа категорија се вклучени уште предметите Латински јазик и класична литература, Филозофија, Право, Економија и бизнис, Програмирање и Образование за животна средина, од кои учениците би избрале два, кои би ги изучувале континуирано во двете последни години. Ваквото третирање на социологијата и на целата оваа категорија предмети е уште еден доказ дека изготвувачите на нацрт-концепцијата ги девалвираат општествените и хуманистичките науки, а ги фаворизираат природните науки. Единствена хуманистичка наука на која ѝ е даден еднаков третман како на природните науки е историјата (како и природните науки историјата е поставена како задолжителен предмет во прва и втора година со 2 часа и како изборен предмет за продлабочено изучување, со 4 часа неделно во трета и четврта година).

Цениме дека ваквото третирање на социологијата во нацрт концепцијата не само што е спротивно на концепциите за гимназиско образование во другите земји со кои Македонија споделува слични историски и цивилизациски предизвици (Словенија, Хрватска, Црна Гора) туку противречи на остварувањето на некои од клучните цели и начела декларирани со самата нацрт- концепцијата.

Укажуваме дека ова решение ќе предизвика загрозување на статусот не само на постојниот наставен кадар туку и на иднината на социологијата кај нас, а со тоа и подривање на еден од темелите на нашата општествена и национална самосвест.

Институтот за социологија при Филозофски факултет на УКИМ , како заинтересирана и стручна институција со своето мислење се вклучи во јавната дискусија со цел подобрување на нацрт – концепцијата за реформи во гимназиското образование, изработена од  Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Со доставување мислења, забелешки и предлози, Институтот за социологија се вклучува во јавната дебата на која повикаа изготвувачите на нацрт-концепцијата.

Според 11-мината професори потпишани на соопштениетоактуелната концепција за гимназиско образование (стара веќе 25 години)  бара промени во насока на нејзино осовременување во повеќе нејзини општи елементи (наставниот план, предметните програми, наставните методи, оценувањето, поддршката на наставниот кадар, усогласувањето со меѓународните стандарди и други).

„Од нашата стручна перспектива, во оваа прилика ја нагласуваме потребата од осовременување на местото и улогата на социолошкото образование во остварувањето на општествените и хуманистичките содржини и мисијата на гимназиското образование“, пишува во соопштението.

Општеството како предмет на проучување на социологијата и на подоучување на социолошките науки е динамичен систем, особено во услови на општествена транзиција. Во изминатите години по сопствено наоѓање, но и како реакција на одредени јавни критики во однос на учебничката обработката на некои општествено релевантни социолошки теми, Институтот укажуваше на потребата од осовременување на социолошките предмети, содржини и учебници застапени во гимназиското образование. Но, не добивме никаква институционална поддршка од надлежните образовни власти. Освен тоа, повеќе години, во Бирото за развој на образованието нема советник по социологија и граѓанско образование!

Спротивно на ова, држави со кои споделувавме слични историски и цивилизациски предизвици како, на пример, Словенија (https://eportal.mss.edus.si), Хрватска (https://mzom.gov.hr ), Црна Гора (https://eurydice.eacea.ec.europa.eu/me/national-educationsystems/montenegro) и други усвоија нови концепции за гимназиското образование. Во нивните нови наставни планови социологијата е застапена како во групата на задолжителни предмети (во 2 и/или 3 година) така и во групата на изборни предмети (во 3 и/или 4 година). Во основа, овие нови концепции и наставни планови за гимназиското образование во споменатите земји внесоа модел на социолошко образование кој е присутен во постојниот македонски концепт за гимназиското образование кај нас.

Покрај забелешките на нацрт-концепцијата за гимназиско образование, професорите од Институтот за социологија изнесуваат и неколку предлози за нејзино подобрување.

Покрај потпирање на законски утврдените цели и задачи на средното образование, Концепцијата за гимназиското образование треба да се води и од начелото за еднаква вредност и релевантност на природните и општествените и хуманистичките науки за личниот развој на единките и за градење на нивниот колективен идентитет и општествена одговорност.

Во таа насока, Институтот за социологија при Филозофскиот факултет предлага социологијата и другите општествени и хуманистички знаења и науки да бидат третирани на ист начин како природните науки.

Тоа значи, предлагаме:

1.Внесување на социологијата во групата задолжителни предмети во прва и/или втора година со ист или сличен фонд на часови како и другите задолжителни предмети (значи социологија наместо граѓанско образование во прва година.
2.Внесување на некои од посебните социологии како (социологија на културата, на граѓанственоста на глобализацијата, на религијата, на младината на масмедиумите и социјалните медиуми, на пример, како во Хрватска и Словенија) во групата на изборни предмети за продлабочено изучување (во 3 и 4 година).

Овие предлози се потпираат врз докажаните сознанија дека соочени со проблеми во конституирањето и интегрирањето на општеството и нацијата властите во денес напреднатите општества (Франција, Британија, Германија и други) ја ставија во функција токму социологијата. Тоа во новите концепции за гимназиското образование го направија Словенија, Хрватска, Црна Гора и други. На македонското општество во целина, а на македонската младина посебно им е потребна повеќе социјализација, повеќе опшетствена и национална интеграција, а помалку атомизација и митологизација. Најголем придонес кон тоа, може да даде социологијата, заедно со филозофијата и историјата како задолжителни и како изборни предмети во гимназиското образование.

Убедени сме дека назначените аргументи се доволно убедливи, но остануваме отворени за дополнителни образложувања и проширувања на истите“, се вели во реакцијата од Институтот за социологија на нацрт-концепцијата за гимназиско образование, потпишана од професорите: проф. д-р Ило Трајковски, раководител, проф. д-р Зоран Матевски, проф.д-р Милева Ѓуровска, проф. д-р Антоанела Петковска, проф. д-р Весна Димитриевска, проф. д-р Аница Драговиќ, проф. д-р Константин Миноски, проф. д-р Татијана Иванова Стојановска, проф. д-р Марија Дракуловска Чукалевска, асс. м-р Ивана Геговска, асс. м-р Емил Димитриев,

Зачлени се на нашиот е-билтен