Моника Левински го почнува својот прв поткаст, насловен „Враќања“ (Reclaiming). Меѓу првите потврдени гости се глумецот-писател Алан Каминг, новинарката и истражувачка Кара Свишер, глумицата Оливија Мун, писателката Моли Рингвалд, пејачката-текстописец Џоана Левеск и други.
Во новата американска интернет-емисија, Левински ќе разговара со гостите за тоа што значи „да се врати она што е изгубено или им е одземено“, според најавниот опис.
-Ова се значајни и изненадувачки лични разговори низ призмата на враќањето… Без разлика дали е тоа „сизифовска“ задача да се предефинира кооптираната приказна, да се пресними музички каталог за да се врати сопственоста, да се исцрпи физичкиот простор за да се најде слободата, или пак, дури и мал миг да се избере мирот наместо ескалацијата во лична расправија, начинот на којшто луѓето си ги бараат во целост тие нешта – ме фасцинира. Враќањата на нештата можат да значат загуба, тага, издржливост, благодат и, на крајот – триумф. И, ако имате среќа, има малку хумор на патот, во подмачкувањето на „тркалото“!, рече Левински
Инаку, првата емисија би требало да се прикажува на 18 февруари, на платформата „Вондери плус“ (Wondery+). Маршал Леви, главен директор за содржина на таа стрим-платформа, смета дека Левински е „разоружувачки паметна“ и со уникатна смисла за хумор.
-Моника Левински е едно од најпознатите универзално признати имиња, а „Враќања“ е следниот чекор во нејзиното неверојатно патување во преобразувањето на нејзиниот јавен наратив. Од првиот пат кога се запознавме, Моника имаше толку освежувачки јасна визија за тоа што сака да има во оваа емисија. Публиката секоја недела ќе открива во што сме уживале при правењето на ова шоу, појасни Леви.