Сместувањето во еднокреветна соба во новиот Дом за стари лица „Рагуза“ во Дубровник чини 1200 евра месечно, што предизвика бројни реакции во јавноста и критики од опозициските партии во Градскиот совет. Според ценовникот, престојот во двокреветна соба чини 1000 евра по лице месечно, додека за апартман корисниците треба да издвојат 3000 евра.
Дополнително, корисниците на еднокреветни соби можат да платат 100 евра повеќе за поглед кон море или балкон, а 200 евра за двете. Кај двокреветните соби, доплатата за балкон изнесува 150 евра. За специјална исхрана, корисниците треба да плаќаат по 5 евра дневно, а за сервирање оброк во соба – 10 евра. Град Дубровник ќе субвенционира 65% од трошоците за сместување.
Во другите домови цените се движат од 480 до 520 евра.
Опозицијата критикува дека високите цени се последица на туристичката експанзија и комерцијализацијата на градскиот простор.
Градоначалникот Мато Франковиќ изјави дека нема да одговара на критиките на опозицијата, но најави дека до 2026 година ќе биде изграден уште еден дом за стари лица.
„Новиот дом ќе има капацитет за 205 корисници и дневен престој за 75 лица. Ќе нуди различни услуги за над 400 корисници, вклучително физиотерапија, достава на храна и помош во домот за лицата со ограничена подвижност“, вели Франковиќ.
Домот „Рагуза“ е прв ваков објект изграден во Дубровник по 50 години, но бидејќи е установа од прва категорија, не ги исполнува условите за вклучување во мрежата на државни домови. Домот располага со 12 еднокреветни и 7 двокреветни соби, како и два апартмани, а неговото отворање е планирано за април.