Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Кавадарци претставници од Ирска, Шведска и Србија во рамките на проект за почитување на природата

Претставници од Ирска, Шведска и Србија во рамките на проект за почитување на природата, денеска ја посетија Општина Кавадарци, информираа попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

-Во рамки на проектот ,,Once upon a time in Nature“, што го спроведува Советот за превентива против малолетничка деликвенција, заеднички со партнери од Ирска, Шведска и Србија, после првичниот состанок во Ирска, неделава претставниците од партнерските училишта и организации престојуваат во Општина Кавадарци. Дел од нивната агенда е и посета на Локалната самоуправа, со цел да се запознаат со техниките и методологиите кои се користат во работата на образовните институции, соопштија од кабинетот на Јанчев.

Оттаму истакнаа дека покрај посетата на Општината, тие ќе посетат и предучилишни установи, основни и средни училишта од Кавадарци и Неготино, Младинскиот центар во Кавадарци, како и повеќе културни институции во регионот.

-Проектот има за цел, да развие иновативен метод на предавање за наставниците со користење на методологија за раскажување приказни во природа, да развие лингвистички компетенции кај децата и младите за разбирање и почитување на природата, да се подигне свеста за важноста од настава во природа и користење еколошки материјали додека се раскажува, да се унифицираат методите на раскажување приказни, да се споделат добри практики и да се развијат стратешки партнерства помеѓу партнери од различни земји, посочија од кабинетот на Јанчев.

Зачлени се на нашиот е-билтен