Судскиот совет веќе започна да ги разгледува претходните судски случаи против Васил Јованов – возачот што со автомобил смртно ја прегази 20-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Ќе се утврдува дали има пропусти во претходните постапки кои се воделе против 20-годишникот.
На Васил Јованов во јули минатата година Основниот кривичен суд му одредил воспитна мерка и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово од постапката во која му се судело за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори.
“Започнавме со разгледување на случаите, а утре и формално ќе биде формирана комисија од страна на Судскиот совет и по извршениот увид во сите тие списи ќе излеземе со став дали имало пропуст или немало. Ќе бидат разгледани сите забелешки кои што беа изнесени во јавноста и по сите нив ќе се постапува“, рече Камбовски.