Началникот на Управата за криминалистичка полиција на Србија, Марко Кричак, и началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секуловиќ, се уапсени поради сомневање за злоупотреба на службената положба. Кричак дополнително се сомничи и за злоставување и мачење, соопшти Вишото јавно обвинителство во Белград.
Пријавата се однесува на нивното постапување во истрагата за убиството на Александар Нешовиќ, извршено на 12 мај во ресторанот „27“ во белградската населба Сењак.
Според обвинителството, двајцата со своето постапување ги повредиле правата на поранешниот началник на белградската полиција, Веселин Милиќ.
Секуловиќ се сомничи дека поднел кривична пријава во која го опфатил и Милиќ, иако располагал со службени белешки и снимки што укажувале дека тој го напуштил ресторанот пред убиството. Обвинителството наведува дека содржината на тие снимки не била наведена во пријавата.
Дел од сомневањата се однесуваат и на доцнењето со предавањето докази. Снимките и мобилните телефони на Милиќ, според обвинителството, не биле навреме доставени до Воената полиција за вештачење, и покрај повторените налози. Биле предадени на 22 мај, непрописно спакувани во хартиени кеси.
За Кричак постои сомневање дека го одобрил поднесувањето на спорната пријава. Тој се сомничи и дека на 16 мај, заедно со други засега неидентификувани полицајци, го злоставувал Н.Л., сопственикот на ресторанот. Според обвинителските наводи, оштетениот бил удиран и гушен со качулка и се здобил со лесни телесни повреди.
На двајцата им е определено задржување до 48 часа, во кој рок треба да бидат изведени на распит во обвинителството.
Главниот обвинител Ненад Стефановиќ изјави дека апсењата немаат врска со изборниот процес и со резултатите од парламентарните избори. Според него, предистражните дејства започнале во мај, по опструкции во работата на обвинителите, а кон крајот на јули кон предметот била приклучена и кривична пријава од адвокатот на оштетениот.

