Во Скопје заврши јубилејната асемблеја на „Еуродрам“ со гости од 28 земји

Со разговор за тоа кој денес чита и објавува драми, повеќејазични читања и театарска претстава, на 31 октомври во Скопје заврши Генералната асемблеја на „Еуродрам“. Европската мрежа за драма и превод ја одбележа својата 25-годишнина со учество на 60 меѓународни гости од 28 земји.

Од 27 до 31 октомври, драмски автори, преведувачи, режисери, драматурзи, издавачи и истражувачи се среќаваа во Театар Комедија, Европска куќа во Скопје, „Лабораториум“ и книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Домаќини беа Театар Комедија и Македонскиот комитет на „Еуродрам“.

Последниот работен ден го отвори прашањето „Зошто да се објавуваат драми?“. На панелот во „Литература.мк“, модериран од Бисера Бендевска, учествуваа Доминик Долмие од париската издавачка куќа „Само за миг“ („L’Espace d’un instant“), Бранка Бугариска од „Арс Ламина“ и Несторас Пулакос од атински „Вакхикон“.

Во средиштето на разговорот беше положбата на драмата како книжевен текст, чии печатени изданија често остануваат во сенка на прозата и поезијата. Учесниците разговараа за читателската публика, изборот и преводот на делата и обезбедувањето средства за нивно објавување.

Долмие посочи два основни проблема. Првиот го поврза со образованието и со мислењето дека драмите се тешки за читање, а вториот со политичките и економските прилики во Франција. Според него, издавачкиот пазар им дава предност на лесни содржини што носат брза продажба и заработка, додека драмските текстови остануваат надвор од таа логика. Театарот, оцени тој, претставува форма на отпор кон таквиот систем.

Бугариска истакна дека драмски книги најчесто купуваат театарски професионалци и студенти, но дека издавачите треба да работат на создавање поширока публика. Читањето драми, нагласи таа, нуди посебно искуство, исто како читањето проза или поезија.

Пулакос зборуваше за поврзувањето на книгата со сценската изведба. Објавувањето на драмскиот текст заедно со неговото поставување на сцена им овозможува на гледачите да го купат и прочитаат делото што го виделе во театар. Притоа, според него, културната вредност останува основа на издавачката работа.

Панелот беше организиран во партнерство со Европската федерација на театарски издавачи, а за време на разговорот беа прикажувани корици на драмски изданија на различни јазици.

Претседателот на „Еуродрам“, Иван Додовски, посочи дека годинава на повикот на мрежата пристигнале 1.820 драмски текстови.

„Човек тешко би можел да следи толку обемна продукција од цела Европа, и тоа секоја година. Токму затоа е драгоцен изборот на ‘Еуродрам’: колегите од секој јазичен комитет го вложуваат своето знаење и време за да издвојат по три дела што заслужуваат пошироко внимание. Зад секој избор стојат часови внимателно читање, разговори и одмерување на уметничките вредности“, истакна Додовски.

Избраните дела потоа се препорачуваат на преведувачи, издавачи и театри низ Европа.

„За средина како нашата, оваа размена е особено драгоцена: им отвора пат на македонските автори кон странската публика, а нам ни овозможува да откриваме нови драмски гласови и да го збогатуваме домашниот репертоар“, рече тој.

Во Театар Комедија истиот ден се одржа „Кутија – еден на еден“. Посетителите влечеа бројчиња и одеа до нумерирани позиции, каде што членови на мрежата им читаа извадоци од драми на различни јазици, избрани за превод од јазичните комитети.

На крајот од работниот дел Додовски му врачи благодарници на организацискиот тим, а вечерта беше изведена „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и продукција на Театар Комедија.

Петдневната програма опфати две панел-дискусии, две сценски читања, преведувачка работилница, промоции на две книги и на изданијата „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ и „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“. Беа изведени и шест претстави на Театар Комедија, Драмски театар и Турски театар во Скопје.

Седмицата на „Еуродрам“ и Генералната асемблеја беа поддржани од Министерството за култура и туризам, Гете-институт во Скопје, ДААД, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа во Скопје, со придонес и од спонзорите и партнерите.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?