Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дамевски : Да работиш на фестивалот „Браќа Манаки“ е како да работиш на три играни филмови

На фестивалот му е потребна стабилност, а не постојано менување. Тоа е стресна институција. Да работиш на фестивалот е како да работиш на три играни филмови, при што најтешките компоненти се обезбедување на спонзори и лауреати. Јас годинава повторно се кандидирам и ако ме реизберат знам што ќе продолжам да правам, а ако не, тој што ќе го изберат ќе мора да поднесе своја програма. Ова не е мое, ова е наше. Важно е луѓето што доаѓаат и имаат доверба во нас, да веруваат дека ќе продолжиме во вистинската насока, вели во интервјуто за МИА директорот на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.

Фестивалот „Браќа Манаки“ неодамна се закити со специјална награда за достигнување (Special Achievement Award), која ја доделува Британското здружение на кинематографери (BSC). Признанието му беше врачено на Мони Дамевски за време на свечена церемонија во Лондон, која традиционално се одржува секоја година во февруари.

Тој во интервјуто за МИА вели дека наградата го вреднува она што се работи на „Браќа Манаки“ и е потврда дека фестивалот се движи во вистинската насока.

-Наградата докажува дека се вреднува тоа што го правиме и што сме го правеле 45 години, и дека сега го остваруваме во светот. Единствениот потег и разлика која ја направив јас во овие четири години со мојот исклучителен тим, е дека со тие малку пари што ги имаме, почнавме светот да го храниме и да излегуваме на вакви настани. Не можеш да се криеш, мораш да излезеш и да ги викаш да дојдат, вели Дамевски.

Тој посочува дека фестивалот е стресна институција, а нас секогаш најпрвин не препознаваат надвор, а потоа не препознаваат дома.

-Ова е како три играни филмови. Не е играчка. На игран филм работите со стотици луѓе во текот на месец дена. Овде преку 450 луѓе доаѓаат во рок од осум до десет дена со одење и враќање. Вие мора да ги сместите, мора да им организирате летови. Мора да набавите осумдесет филмови, да ги преведете, да ги распоредите и координирате кој каде ќе оди. Една од најтешките компоненти на фестивалот е обезбедување на спонзори и обезбедување на лауреатите. Ние тоа успешно го правиме. Ако ме реизберат, јас знам што ќе продолжам да правам. Ако не ме реизберат, тој што ќе го изберат ќе мора да поднесе своја програма и таа да ја работи. Во однос на мојата програма, јас имам исклучителен тим. Тој што ќе дојде ќе треба да ги убеди дека треба да продолжат, вели Дамевски за МИА.

Целото интервју со директорот на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски, МИА ќе го објави во текот на утрешниот ден.

Зачлени се на нашиот е-билтен