Минималната синдикална кошничка повторно е мета на критики, но според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, тоа е директен напад врз платите на работниците.
По забелешките на премиерот Христијан Мицкоски дека во пресметката на месечната кошничка има нелогичности, како 10 грама цреши во зимските месеци, Трендафилов појаснува дека сезонското овошје се зема предвид во периодот кога најмногу се купува, а цигарите воопшто не се пресметуваат.
„Количината во кошничката не значи дека некој секој месец купува килограми цреши. Тоа е годишен просек, во сезона кога тие реално се продаваат. Веројатно премиерот и министрите добиваат многу лоши совети од експерти кои не ја разбираат методологијата,“ вели Трендафилов.
Тој посочува дека укинувањето на кошничката нема да го подобри животниот стандард на граѓаните.
„Ако престанеме да ја пресметуваме, дали ќе живееме подобро? Не,“ додава Трендафилов.
Премиерот Мицкоски вчера изјави дека во јануари не пробал цреши, дињи, лубеници, грозје или праски и дека методологијата треба да се преиспита.
Во синдикалната минимална кошничка има 63 производи, додека онаа на Државниот завод за статистика, која се објавува еднаш годишно, содржи 210. Двете вклучуваат сезонски производи.
Владата и бизнис-заедницата сега бараат во пресметката да учествуваат повеќе институции, вклучувајќи ги Министерството за економија, Министерството за финансии, Државниот завод за статистика и Организацијата на потрошувачи. Дел од експертите, пак, сметаат дека за тоа треба да се грижат исклучиво синдикатите и статистичарите.
Во меѓувреме, граѓаните, револтирани од високите цени, продолжуваат со бојкотот на маркетите. По драстично намалениот промет од 50 отсто, за петок е најавен нов бран на потрошувачки отпор.