Можна е вулканска активност и цунами – Земјотресите кај Санторини никако да стивнат

Егејското Море продолжува да трпи серија земјотреси, со седум нови потреси регистрирани во близина на грчкиот остров Санторини меѓу 4:41 и 6:36 часот утринава.

Според турската Управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD), од полноќ досега се забележани седум земјотреси со јачина над 4,0 степени:

4,5 степени – во 6:36 часот, на длабочина од 7 км.

4,6 степени – во 6:23 часот, на длабочина од 7 км.

4,6 степени – во 5:54 часот, на длабочина од 7 км.

4,4 степени – во 5:45 часот, на длабочина од 7 км.

4,4 степени – во 5:24 часот, на длабочина од 7 км.

4,1 степени – во 5:02 часот, на длабочина од 7 км.

4,1 степени – во 4:41 часот, на длабочина од 7 км.

Властите внимателно ја следат ситуацијата, бидејќи Санторини, кој е дел од активен вулкански комплекс, веќе бил погоден од некои од најголемите вулкански ерупции во историјата.

Можен ризик од вулканска активност

Во заеднички извештај на AFAD и Генералниот директорат за истражување на минерали (MTA) се наведува дека од 28 јануари до 5 февруари во регионот се регистрирани над 900 земјотреси.

Најсилниот досега бил со јачина од 5,1 степени, а најголем дел од потресите се концентрирани во регионот на подводниот вулкан Колумбо, сместен 6,5 км североисточно од Санторини.

Извештајот предупредува дека земјотресите може да предизвикаат вулканска активност, слично на последната ерупција на вулканот Санторини во 1950 година, по која се формирало цунами што стигнало до турскиот брег.

Вулканскиот лак на Јужен Егеј – потенцијална опасност

Тековната сеизмичка активност се случува во рамки на Јужноегејскиот вулкански лак, кој се протега од Атина до Бодрум и вклучува активни вулкани како Милос, Санторини и Нисирос. Оваа зона се наоѓа на границата меѓу Егејско-анадолската и Африканската тектонска плоча, што ја прави подложна на земјотреси и вулкански ерупции.

Иако слична сеизмичка активност е забележана во 2011-2012 година без последична ерупција, експертите предупредуваат дека ситуацијата мора внимателно да се следи поради можниот развој на настаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен