Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За една година извозот се намалил за над 6 проценти

Вкупната вредност на извозот на Северна Македонија во 2024 година изнесува 7,78 милијарди евра, што е намалување од 6,5% во споредба со претходната година, објави грчката агенција АНА-МПА, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика.

Во исто време, вредноста на увозот изнесува 11,06 милијарди евра, што е минимален пад од 0,8%. Трговскиот дефицит достигна 3,28 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз остана на 70,3%.

Најголем дел од македонскиот извоз и натаму го сочинуваат автомобилските катализатори, додека увозот е предводен од нафтени деривати и платина. Главни трговски партнери на земјата се Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.

Повлекување на странските инвеститори
Падот на извозот е директна последица на намалената побарувачка во автомобилската индустрија во Европа, особено во Германија. Голем дел од фабриките во ТИРЗ работат за европските автомобилски гиганти, но со забавеното производство, нивната активност опаѓа.

Како дел од овие промени, ирско-американската компанија „Аптив“ објави дека го затвора својот погон во Скопје и производството го префрла во Португалија и Полска. Фабриката, отворена во 2016 година во ТИРЗ Бунарџик, вработува околу 500 лица и произведува електронска и електрична опрема за автомобилската индустрија. Компанијата најави план за поддршка на вработените во согласност со македонските закони.

Британскиот „Џонсон Мети“, најголемиот извозник од Македонија, исто така ќе го намали бројот на вработени поради глобалните промени на пазарот.

Од ТИРЗ засега немаат официјални информации за повлекувањето на овие компании, но падот на индустриското производство и извозот укажуваат на сериозни предизвици за македонската економија.

Зачлени се на нашиот е-билтен