Граѓанскиот бојкот на маркетите поради високите цени на производите во маркетите утре ќе се најде на владина седница. По жестоките критики на опозициската СДСМ, и силното граѓанско незадоволство за неуспешната владина мерка т.н. „новогодишна кошничка“, премиерот Мицкоски најави решение.
На утрешната владина седница, како што изјави минатата недела премиерот Христијан Мицкоски, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија треба да поднесат извештај и оти се можни мерки во однос на контрола на цените.
„Мислам дека Државниот пазарен инспекторат заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредни параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производителите, дистрибутерите и ланците, тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе биде проширена бидејќи не само супермаркетите или хипермаркетите, предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки, продавници за бела техника. Не може некои производи во соседните земји да бидат два – три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка“, изјави Мицкоски.
Граѓаните ги чекаат мерките на Мицкоски речиси неколку месеци, и со нетрпение го очекуваат исходот од утрешната седница, бидејќи премиерот, рече, дека преку дијалог ќе најде заедничко решение со трговците.
„Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено тогаш како Влада ќе мора да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционализам да водиме политика, сакаме преку дијалог да дојдеме до заедничко решение. Се обидовме пред Нова Година, но знаете како заврши тоа, беше нарушена довербата меѓу Владата и трговците“, додаде Мицкоски.
Од СДСМ пак, велат дека за осум месеци граѓаните тешко осиромашиле, и дека Мицкоски допрва анализира што да се прави.
„Тотално фијаско на политиките на Мицкоски и ДПМНЕ во економијата, цените продолжуваат да растат, граѓаните имаат се помалку пари и едвај врзуваат крај со крај. Мерките со некакви „кошнички“ доживеаја дебакл. Наместо намалување се случи зголемување на цените на храната, на основните производи, затоа што власта им остави време и простор на трговците да ги зголемат. Граѓаните беа принудени сами да се организираат и преку бојкот на маркети да кренат глас против високите цени и големите поскапувања. И наместо веднаш да преземе мерки и да ги намали цените Власта на Мицкоски така си ги остава работите, ништо не прави за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами“ велат во СДСМ.
Од СДСМ, велат мерките на Мицкоски се задоцнети.
„Човекот што троши за една реклама на Фејсбук повеќе од една минимална плата си поигрува со народот кој секој ден плаќа поскапо а има помалку.
Па 8 месеци поминаа допрва ли ќе разгледува Мицкоски? Нели ветуваше дека ќе се намалат цените? Еве цените не се намалија, се зголемија, неспособноста излезе на виделина. Власта има 6 милијарди евра буџет. Зошто едноставно не ги покачи платите? Што се чека? Едноставен е одговорот, политиките на Мицкоски се насочени кон заштита на интересите на големите трговци и елитата а граѓаните се оставени сами на себе. Секогаш кога ДПМНЕ е на власт се зголемува економската несигурност на семејствата, народот има се помалку пари а се богатат само неколкумина во врвот на власта“, велат од СДСМ.
Изминатите две недели во петок преку социјалните мрежи граѓаните беа повикани да ги бојкотираат големите трговски ланци поради високите цени на основните прехранбени производи. Првата акција покажа дека прометот во осумте најголеми трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти, а вториот бојкот минатиот петок прометот беше паднат за 22,12 проценти.
Бојкотот за пазарење почна во Хрватска, а се прошири и во другите држави од регионот. Во Србија граѓаните се повикаа да ги бојкотираат петте најголеми трговски ланци.