Генерален штрајк во Белгија 

Во Белгија денеска се одржува генерален штрајк, поради што се откажани сите летови од белгиските аеродроми, редуциран е јавниот превоз и не работат јавната администрација, државната пошта, училиштата и комуналните служби, како затворските чувари. 

Штрајкот е во организација на неколку белгиски синдикати, како резултат на незадоволство од најавените реформи и економска политика на новата Федерална влада на Белгија. 

Согласно Коалицискиот договор за формирање на Владата, постигнат на 31 јануари, меѓу другото се предвидува намалување на буџетските трошоци за 23 милијарди евра во следните пет години, како и реформи во даночната политика, зголемување на старосната граница за пензионирање и намалување на средствата за социјалната заштита. 

Во рамки на штрајкот се најавени и протестни маршеви на кои се очекува учество на неколку десетици илјади лица. Само на протестот во Брисел се очекуваат околу 60.000 демонстранти. 

Кон генералниот штрајк се приклучија и контролорите на летање, поради што воздушниот простор над Белгија е затворен од 06:45 до 22:15 часот, па авионите што минуваат над белгиска територија летаат на висина од над 7.500 метри и ги опслужуваат од контролите на летање од соседните земји. 

Откажани се сите летови кон и од бриселските аеродроми „Брисел-Завентем“ и „Брисел Југ-Шарлроа“, како и од аеродромите во Антверпен, Остенде и Лиеж. 

Зачлени се на нашиот е-билтен