Во невиден преседан, властите ги оставија најкритичните пациенти без можност за врвна интензивна нега, поради реновирање на Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ, што според договорот може да трае дури девет месеци. Оваа информација не беше транспарентно соопштена на јавноста, а последиците веќе се чувствуваат низ здравствениот систем.
Како што дознава Слободен печат, министерот за здравство Арбен Таравари испратил порака до директорите на болниците од внатрешноста со јасна инструкција – да не праќаат пациенти на КАРИЛ. Оваа одлука предизвикува сериозна загриженост, бидејќи во многу од овие болници не постојат одделенија за интензивна нега, ниту доволно ресурси за да се третираат животозагрозувачки пациенти. Сега пациентите се принудени да останат во локалните болници, каде што немаат пристап до најсовремени апарати и специјализирани тимови кои можат да им го спасат животот. Освен тоа, засега нема никаква информација дали и како ќе се реши овој проблем во периодот на реновирањето.
Останува нејасно зошто властите го започнаа овој процес без да обезбедат алтернативен план за згрижување на најтешките пациенти. Дали ова значи дека нивниот живот е оставен на ризик поради несоодветно планирање? Одговорите на овие прашања засега изостануваат, а последиците за македонското здравство можат далекусежни.