Вчерашното позиционирање на делегацијата на Северна Македонија во ОН во однос на гласањето по резолуциите на САД и ЕУ е скандалозно. Северна Македонија гласаше „воздражно“ за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција, оценува СДСМ.
Дополнително, за декларацијата на САД, на која што нашата Влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзор, повторно Северна Македонија гласаше „воздражно“, се посочува во соопштеннието на СДСМ.
Во реакцијата на оваа партија уште се наведува:
Ваквите одлуки, укажуваат на целосен аматеризам во воедењето на надворешната политика на земјата. Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД.
Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ: Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија.
За СДСМ, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува. Истовремено, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција. Соединетите Американски Држави се еден од најважните страатешки партнери и тоа партнерство треба да биде во функција на забрзување и успешно завршување на евроинтегративниот процес.
Мицкоски ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации на важни прашања и прави огромни грешки. Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери.
СДСМ инсистира на јасна, конзистентна и усогласена надворешна политика која ќе ги почитува и зајакнува нашите меѓународни партнерства, а истовремено ќе ја води државата кон нејзината примарна стратешка цел – членство во Европската унија.
Најавуваме дека во текот на утрешниот ден, претседателот Филипче ќе одржи прес конференција на која ќе ги соопшти во детали ставовите на партијата по однос на овие прашања.