Милиони исчезнале од сефовите на поранешен министер на Орбан, судот го задржа во притвор

PHOTO: EPA

Истражителите пронашле празни сефови во домот на Миклош Шестак, поранешен министер во владата на Виктор Орбан, во кои, според податоците од истрагата, чувал девет милијарди форинти во готовина. Судот во Будимпешта вчера му го продолжи притворот до 30 јануари, оценувајќи дека постои опасност од бегство и прикривање имот.

Станува збор за сума од приближно 24,5 милиони евра. Според судското образложение, Шестак можел да се погрижи парите да бидат скриени пред неговото испрашување. Надлежните се сомневаат дека на тој начин бил отстранет имот што би можел да подлежи на конфискација.

Судот оценил дека ризикот не се однесува само на веќе исчезнатата готовина. Во образложението се наведува и реална опасност осомничениот да влијае врз лица што треба да бидат испрашани или да се обиде да сокрие дополнителен имот што истражителите сè уште не го откриле.

Шестак, пратеник од Христијанско-демократската народна партија, го водеше Министерството за национален развој од 2014 до 2018 година. Истрагата опфаќа сомнежи за примање поткуп поврзан со договори на државната автобуска компанија „Воланбус“ и со градежни проекти.

Според обвинителството, тој и поранешниот директор на унгарскиот државен управувач со имот, Норберт Сивек, преку посредник примиле повеќе од 11 милијарди форинти незаконска корист од претставник на компании што соработувале со „Воланбус“ меѓу 2015 и 2018 година. Одделни сомнежи се однесуваат на наводно враќање десет проценти од вредноста на државни градежни договори.

Поранешниот министер ги отфрла обвинувањата и тврди дека е невин. Неговиот адвокат Габор Пап претходно ја оспори и законитоста на приведувањето, додека надлежната служба соопшти дека судот ја оценил постапката како законска.

Одбраната побарала укинување на притворот или негово заменување со надзор ограничен на живеалиштето, нудејќи гаранција од 300 милиони форинти. Судот ги одбил барањата. Одлуката за продолжување на притворот не е правосилна, а за кривичната одговорност на Шестак сè уште нема пресуда.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?