Пензионерите наскоро ќе добијат второ зголемување на пензиите за 2.500 денари, како дел од законските измени предложени во Собранието. Според предложените измени, пензиите ќе се зголемат во фиксен износ од 1 март 2025 година, исто како и на 1 септември 2024 година.
Законот за пензиско и инвалидско осигурување ја предвидува оваа мерка како временска корекција на методологијата за усогласување на пензиите. Во документот доставен до Собранието се наведува дека овој раст е вонреден и нема да влијае на редовната формула за усогласување на пензиите, која останува според принципот 50/50 – односно според движењето на трошоците за живот и порастот на просечната плата.
Дополнително, со законските измени се уредуваат и условите за именување на директорот и заменик-директорот на Фондот за здравствено и пензиско осигурување. Новите критериуми вклучуваат високо образование, минимум пет години работно искуство во релевантна област и поседување сертификат за познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија.
Зголемувањето на пензиите ќе се однесува само на пензионери кои живеат во Македонија, согласно предлог-законот, кој е во собраниска процедура.