Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Може ли тричлено семејство да преживее со две минимални плати?

Согласно пресметките едно тричлено семејство со двајца родители кои заработуваат минимална плата и ќе добијат покачување од по околу 2000 денари од март 2025 година, ќе имаат на располагање вкупно 48.758 денари.

Според најновите информации, минималната нето плата во Северна Македонија од март 2025 година ќе изнесува 24.379 денари.



Минималната бруто плата ќе изнесува 36.037 денари, со што придонесите за пензиско и здравствено осигурување ќе бидат 10.090 денари, а данокот на доход 1.568 денари.

Синдикатите, како што е Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), бараат зголемување на минималната плата на 500 евра, сметајќи дека сегашниот износ не е доволен за покривање на основните потреби на работниците, тие денеска предложија Владата да ги субвенционира придонесите.

Сепак, прашањето што се поставува е дали оваа сума е доволна за да се покријат основните потреби на едно тричлено семејство?

Фиксни трошоци на семејството

КатегоријаИзнос (денари)
Станбен кредит или наемнина12.000
Станарина, вода, електрична енергија и греење6.000
Лична хигиена и одржување на хигиена во домот2.195
Здравје1.135
Превоз (со слободна карта)2.800
Комуникации (телефон и интернет)3.417
Образование (вклучува ужинка и материјали)4.000
Вкупни фиксни трошоци31.567


По одбивањето на овие фиксни трошоци кои ги изработи редакцијата на Рацин.мк со помош на синдикалната кошничка на ССМ, но и реалните цени на трошоците на одредени услуги, семејството ќе има 17.191 денари за сите други потреби, што е приближно 573 денари на ден.

Со овие средства, треба да се покријат трошоците за храна за три лица, да се пополни резервоарот за автомобил, можеби да се купи ново парче облека или да се излезе на прошетка. Овие 573 денари дневно се буквално доволни само за основни потреби.

Ситуацијата за тричленото семејство кое преживува со две минимални плати во Македонија е тешка. Со оглед на високите фиксни трошоци, семејствата се принудени да се задолжуваат или да се ограничуваат во потрошувачката на основни потреби. За да се постигне подобар животен стандард, потребни се значителни измени во економската политика и зголемување на минималната плата.

Премиерот Христијан Мицкоски, а и ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг период сугерира дека работниците и работодавците треба сами да се договорат за дополнителниот износ на минималната плата надвор од законското порамнување. Според економистите тој вешто ја користи ситуацијата а притоа нема план реално да интервенира во износот бидејќи има договор со работодавците.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска пак ја критикуваше синдикалната кошничка на ССМ, тврдејќи дека имало нелогичности, односно дека четиричлено семејство не пие 18 литри млеко месечно, дека таа ја прашала продавчката во најблискиот Тинекс и таа и рекла дека јајцата имаат иста цена подолг период, а дека нелогично е семејствата да користат грашок од конзерва. напоменувајќи дека цените на одредени продукти не се така како што ги претставуваат. Претседателот на советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНе и економист Трајко Славески, пак инсистира пресметката на синдикланата кошничка да биде за тричелно семејство бидејќи Пописот покажал дека веќе не доминираат четиричлени семејства па ги избриша второто и третото дете од кошничката.

Додека политичарите со месеци наоѓаат изговори и за скапотијата во маркетите, но и за растот на минималната плата, реалноста за многу семејства е тешка. Во последните години, задолженоста на домаќинствата со кредити драстично се зголемува и надмина 4,1 милијарда евра. Многу граѓани се задолжуваат преку кредити за станови, потрошувачки кредити или кредити за минимално преживување, во обид да го задоволат основниот животен стандард.

Зачлени се на нашиот е-билтен