Поповски: Кај трошоците за храна и домаќинство инфлацијата изнесува дури 10-15%

Поранешниот министер за финансии и универзитетски професор, Никола Поповски, во емисијата 24 анализа истакна дека усогласувањето на минималната плата се врши еднаш годишно, додека просечната плата постојано расте. Тој нагласи дека динамиката на цените е променлива, иако инфлацијата моментално изнесува 3-4%.

„Точно е дека просечната плата реално расте, но минималната не ја следи истата динамика. Усогласувањето се врши еднаш годишно, во март, додека просечната плата се зголемува континуирано. Тоа создава јаз, бидејќи во текот на тие 12 месеци номиналната плата расте, а минималната стагнира. Движењата на цените се динамични, а кај трошоците за храна и домаќинство инфлацијата изнесува дури 10-15%. Поради тоа, колективните договори треба да се усогласуваат почесто“, изјави Поповски.

Во однос на глобалните политички случувања, тој посочи дека Македонија треба да биде внимателна во своите позиции.

„Трансатлантското партнерство се нарушува и преминува во конфликтна фаза, а односите меѓу САД и Русија добиваат нови димензии. Европа сè поотворено влегува во судир со САД. Во таква геополитичка поставеност, Македонија треба да дејствува претпазливо, да не се залетува со ставови и да чека како ќе се договорат големите сили. Нашето место е во ЕУ и НАТО“, истакна Поповски.

Зачлени се на нашиот е-билтен