Место во странство, 40 пациенти со прекумерна телесна тежина ќе можат да ја извршат операцијата за намалување на желудник во земјава, при што трошоците целосно ќе ги покрие Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Клиниката за дигестивна хирургија е подготвена да започне со овие интервенции до крајот на месецов или на почетокот на следниот.
Операциите ќе бидат наменети за пациенти кај кои конзервативните методи – фармаколошката терапија и промената на животните навики – не дале резултат. Сите пациенти ќе бидат упатени преку специјализираните центри за третман на дебелина во земјава, а процедурата ќе се третира како медицинска потреба, а не како естетска интервенција.
Огнен Костовски, директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, истакна дека буџетот е предвиден за 30 пациенти кои ќе се подложат на хируршко лекување и дополнителни 10 пациенти кои ќе добијат експандирачка капсула – метод што помага во контролирање на тежината.
„Кон крајот на овој месец или на почетокот на следниот очекуваме да ги изведеме првите интервенции финансирани од Фондот. Пациентите ќе бидат селектирани преку центрите за дебелина, а приоритет ќе имаат оние кај кои конзервативниот третман не дал резултат. Нашиот хируршки тим е целосно подготвен – имаме соработка со два меѓународни центра. Двајца хирурзи од нашата клиника беа на обука на Малта, а соработуваме и со Центарот за минимално инвазивна хирургија во Ниш“, изјави Костовски.
Тој додаде дека првите операции ќе бидат изведени со поддршка од странски експерти како дел од процесот на стандардизација на методите.
„Не дека немаме искуство – вакви интервенции сме вршеле и претходно, но сега пристапуваме со стандардизирана процедура, во согласност со светските медицински стандарди“, вели Костовски, нагласувајќи дека со ова дебелината конечно ќе се третира како сериозна здравствена состојба и кај нас.