Почина Панче Панта Мижимаков (1946-2025)

Друштвото на филмски работници на Македонија соопшто дека починал Панче Панта Мижимаков.

Друштвото на филмски работници на Македонија изразува длабоко жалење по повод смртта на нашиот драг и почитуван колега, истакнатиот македонски продуцент Панче (Панта) Мижимаков.

Во својата обемна професионална биографија вбројува големи успеси на македонската кинематографија.

Студирал на  Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград. Често работел на копродукциите и странските продукции кои се реализираат во Македонија и Југославија. Во „Вардар филм“ соработуваше на поголем број играни, документарни и кратки филмови. Од 1991 е еден од основачите и директор на приватната продукциска куќа „Пегаз“, со којашто има реализирано неколку филмски проекти.

Бил продуцент и менаџер на продукција на филмовите: „Среќна Нова“, „Преку Езерото“, „Џипси Меџик“, „Миротворец“, „Татко (Колнати сме Ирина)“, „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Тајната книга“ и многу други значајни филмски остварувања.  

„Филмот ни даде повеќе нам, отколку ние него. Ни даде сѐ. Работејќи и патувајќи низ светот, запознавме луѓе за кои не сме можеле ни да замислиме. Кога би бирал пак во животов, пак би работел во филмот“, рече своевремено Панче Панта Мижимаков.

Најчитано