Владата на денешната седница ги утврди членовите на Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите, чекор што е клучен за продолжување на преговорите со социјалните партнери, вклучително и за барањето за зголемување на минималната плата.
Според владината прес-служба, во Комисијата ќе учествуваат претставници од Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и од Министерството за правда, но не беа соопштени дополнителни детали.
Премиерот Христијан Мицкоски повеќепати изјави дека прво мора да се утврди репрезентативноста на синдикатите, по што ќе се разгледува прашањето за минималната плата на седница на Економско-социјалниот совет.
Законот предвидува зголемување на минималната плата овој месец, кое би изнесувало околу 1.800 денари. Синдикатите, пак, бараат покачување од 6.000 денари и субвенционирање на придонесите за сумата до 30.000 денари. Од Владата велат дека во Буџетот не се предвидени средства за оваа намена и дека евентуалното покачување треба да биде целосно на товар на работодавачите.