Во толпата, покрај студенти или опозицијата, може да има и навивачи, како тупаница, но и крадци и наркодилери, можно е некој да добие огнено оружје и да почне да пука, посочува Божидар Спасиќ, секретар на Советот за следење на човекови права и борба против корупцијата Транспарентност, пренесува белградска „Политика“.
Весникот пренесува дека во пресрет на протестот во Белград најавен за утре, полицијата вчера запленила големо количество ножеви, палки, секири, тајзери, па дури и самострели на приодите кон главниот град. Според „Политика“, врз основа на фотографии од запленетиот арсенал оружје, можело да се заклучи дека бил наменет за голем број луѓе.
И Политика и другите провладини медиуми во Србија се повикуваат на неофицијални информации дека овие предмети биле пронајдени кај поддржувачите на блокадата кои се упатиле кон Белград во пресрет на утрешниот протест. Државните функционери со денови предупредуваат дека организаторите на овие собири и блокади подготвуваат ескалација на насилството и упади во институциите.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи кружат совети за учесниците на протестот како да се подготват и да се опремат за утре. Под изговор дека „насилниците и полицијата ќе се обидат да предизвикаат немири“, на демонстрантите им се препорачува да донесат предмети како шлем со визир, дебел памучен шал и сода бикарбона растворена во вода, во случај да биде употребен солзавец.
Заради „самозаштита“ се споменуваат водоотпорни јакни со качулки, дури и маски за нуркање или очила за капење, ракавици за скијање или мотоцикл…
Сепак, тоа не е се. Повторно, повикувајќи се на неофицијални извори, овие медиумие пишуваат дека има и повици за правење „молотови коктели“ и палење пожари.
„Политика“ и останатите за овие „детали“ тврдат дека укажуваат на размерите на насилното сценарио кое утре и се заканува на Србија и се чини дека се дел од цела стратегија за предизвикување улична војна, која всушност би прераснала во граѓанска војна.
Претседателот Александар Вучиќ рече дека како претседател ќе даде се од себе за да ги зачува мирот и стабилноста и ги повика родителите да не ги носат децата на протестот на 15 март. Тој ги замоли сите добро да размислат пред да преземат насилни акции. „Ако сакате да дојдете – дојдете, тоа е ваша работа, ваша политичка определба. Мене тоа не ме интересира, но не носете деца, не носете стари лица, бидејќи оние на кои доаѓате да им дадете поддршка ќе организираат насилство, како што го организираат секој ден“, изјави Вучиќ за ТВ Информер, пренесе Танјуг.
Тој порача дека државата ќе мора да се заштити и одбрани. „И сигурен сум дека државата ќе успее во оваа задача. И после тоа државата ќе може да покаже дека е држава и ќе го апси секој насилник што ќе се обиде да ја уништи државата. „И ако тоа не се случи, не е прв пат ние Србите да ја уништиме нашата држава и да се вратиме десетици години наназад“, рече претседателот.