Стотици трактори со дупнати гуми паркирани во срцето на Белград околу Паркот на пионерите, спроти Народното собрание на Србија и реката од луѓе кои го посетуваат овој парк, упатувајќи навреди кон оние кои кампуваат во паркот, е глетка од една од најфреквентните локации во главниот град на Србија.
Ден пред големиот протест што „Студентите во блокада“ го најавија за сабота во 16 часот пред Народното собрание на Србија, атмосферата во Белград е се наелектризирана, особено околу Пионирскиот парк, пишува хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
Имено, „Студентите кои сакаат да учат“, како што се нарекува друга група студенти во Србија, таму кампуваат со денови, а се окарактеризирани како оние кои го поддржуваат претседателот Александар Вучиќ и актуелната власт, меѓу кои, според упатените, речиси и да нема студенти.
За да им помогнат, во ноќта од четврток кон петок биле донесени трактори од цела Србија, а потоа биле паркирани како штит на тротоарите околу кампот, веројатно за да се заштитат од напади од другата страна. Сцените од Белград на 14 март 2025 година се нереални. Регистрациите покажуваат дека тракторите, меѓу кои и понови модели и стари Фергусонови, дошле од цела Србија, а не знаеме како ќе се вратат.
Додека нивните сопственици се наоѓаат во оградениот простор на Паркот на пионерите, каде што ги обезбедуваат силни специјални полициски сили заедно со контрадемонстранти, извршена е саботажа на нивните машини. Младите ги обиколуваат тракторите и им дупат гумите, а некои дури и фрлаат песок во резервоарите за да ги онеспособат.
– Ова е мерка на претпазливост, затоа што се плашиме дека утре ќе ги нападнат „Студентите во блокада“ со трактори, па мора превентивно да се однесуваме – ни објаснува младиот човек, додека неговите пријатели ги дупчат гумите на тракторите. Областа околу Паркот на пионерите доби незамисливо живописен изглед.
Жена, по потекло од Белград, седнала на трактор и гледа што се случува со нејзиното мало куче во скутот, додека млади луѓе трчале низ просторот меѓу тракторот и железните огради поставени околу паркот, фрлајќи со камења кон оние во паркот.
– Никогаш не сум седнала на трактор и веројатно никогаш нема да седнам, а сега седнав да одморам на овие трактори што ги донесе Вучиќ во Белград. Толку сум лута, бесна… Ова е сега бесплатна циркуска претстава каде што ние сме публиката, а оние внатре, ги нарекуваме „татковци“, затоа што не знаеле ни да го напишат зборот „студенти“ на една од нивните пораки, тие се како некоја циркуска атракција што дојдовме да ја гледаме. О, каков срам. Ни го претвораат градот во циркус. Погледнете како истекува маслото од тракторот на тротоарот. Дали градоначалникот Шапиќ од свој џеб ќе плати за чистење на оваа маст? Секако дека не, тоа ќе биде од наши пари, исто како што плаќаме гориво за овие трактори – огорчена е оваа госпоѓа.
Од некои трактори на тротоарот течеше и масло. За тоа време немаше никаква реакција од Паркот на пионерите кон луѓето кои го посетуваа надвор од оградата. Само од внатрешноста на паркот слушнавме скандирања: „Косово е срцето на Србија!“
Претседателот Вучиќ ги повика насобраните во паркот да го напуштат просторот до сабота, а тие одговорија дека за тоа ќе одлучат во рок од 24 часа.