За Вучиќ прашање е кој ги финансира студентските протести, а не одговара кој ги финансира оние во контра кампот

Од почетокот на студентските протести, властите во Србија, а пред се’ претседателот Вучиќ, го покренаа прашањето за финансирање на студентите кои ги обиколуваат градовите низ државата, со обвинувања дека се финансираат од странство за рушење на државата. Од друга страна, режимот ниту еднаш не праша кој го финансира кампот во Паркот на Пионерите што го поставија оние кои себеси се нарекуваат „студенти кои сакаат да учат“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги нарече повеќемесечните студентски протести во блокадата „највалканата обоена револуција во историјата на човештвото“ која „ќе влезе во историјата како нечесна“. Претседателот праша и кој ги плаќа студентите.

„Не кажуваат кој ги плаќа прасињата, јагнињата и автобусите до Крагуевац. (Тоа го плаќа) некој надвор, и тоа е огромна сума на пари. Самите се пофалија дека вложиле 3,1 милијарда евра во моето рушење. И веќе изгубија, не гледаат како веќе се заврти политичкото тркало. Освен ако не ме убијат“, заклучил Вучиќ.

Државните претставници, потпомогнати од прорежимските медиуми, исто така ги обвинија студентите за соработка со хрватската тајна служба.

„Во мое време, кога бев студент, да ни дојдеше некој од Загреб, ќе ги избркавме, но сега се е убаво и нормално, уште им помагаат и ги обучуваат“, рече претседателот.

Каде и да стапнеа учениците, пешки во обиколка на Србија, граѓаните ги пречекуваа, подарувајќи им речиси се’ што имаат. Земјоделците готвеа, се месеа лебови, кифлички и колачи, а на претседателот изгледа најмногу му пречело тоа што на менито без исклучок имало печено месо, наспроти стандардните сендвичи на митинзите на владејачката партија.

„И како да ги наречеме? Прасечки бригади? Или јагнешки? Каде и да одат јадат само прасиња. Штом дојде овој протестен туризам свињите и прасиња штрајкуваат насекаде низ околината, се плашат од геноцид. Треба ли така да го наречеме тоа?’, рече Вучиќ при посетата на Бела Црква на 9 март.

Од друга страна, кога оние кои се нарекуваат „студенти кои сакаат да учат“ поставија камп во Паркот на Пионерите, поставувајќи идентични шатори и носејќи идентични знамиња, никој од власта не праша кој го финансира.

Многумина веднаш се посомневаа дека власта е организатор и финансиер на собраните во Паркот на Пионерите, бидејќи неформалниот лидер беше студент кој се појавуваше во друштво на претседателот на Србија во прорежимски медиуми и на митинзи на владејачката партија.

Доколку имаше такви што се сомневаа во таквото сценарио, можеше да се разубедат после првиот разговор меѓу учениците од кампот и претседателот, кој откако се пожалија дека им прокиснуваат шаторите, им вети дека ќе се потруди да го реши проблемот, а потоа и со организираната испорака и поставување трактори околу Паркот на Пионер, ноќта меѓу четвртокот и петокот.

Зачлени се на нашиот е-билтен