Утре започнува новото издание на дискурзивно – едукативната програма за млади уметници „Совршениот уметник“ кое се одржува во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на наградата ДЕНЕС за млад/а визуелен/на уметник/чка и 75-годишнината од формирањето на Националната галерија на Република Северна Македонија, како и за објавувањето на повикот за наградата ДЕНЕС која од оваа година ќе се случува на годишно ниво.
Во рамки на петдневната програма „Совршениот уметник“ која ќе трае од 21- 25 април во објектот Мала станица, учество ќе земат повеќе млади уметници а туторијали ќе имаат културните работници Ивана Васева, Оливер Мусовиќ, Верица Ковачевска, Виолета Качакова, Филип Јовановски и Амра Исмани.
Повикот за доделувањето на престижната ДЕНЕС XVII е објавен од денес, 20 април, 2023 година на овој линк и трае до 31 мај 2023 година.
Дискурзивно – едукативната програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК е практичен и теориски курс наменет првенствено за млади уметници, кој е организиран од кураторката Ивана Васева од здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ во рамки на наградата ДЕНЕС за млад/а визуелен/на уметник/чка. Идејата на оваа програма е да го прошири опсегот на интересите на уметниците, да создаде простор за критичка анализа и преиспитување на уметничката продукција во рамките на севкупниот општествен и политички контекст, како и да понуди практични алатки за негување на нивната уметничка практика.
Неолибералната реалност ја избрка еднаквата распределба од уметноста и ја продлабочи несигурноста. Така, недостатокот на работнички права на културните работници како и можности за работа во областа на уметноста и следење стандарди, недостатокот на средства кои би поттикнале развој на уметничките можности и аспирации, но и ретроградниот образовен систем, се причините за создавање на оваа програма. „Совршениот уметник“ во широка смисла се фокусира на критичка анализа на целокупниот контекст и неговите импликации во уметноста и културата, дијалог, размена на искуства и дебата, и преку практиката и теоријата, во насока на воспоставување општествена интеграција на младите уметници и нивно уметничко, политичко и општествено образование.
Програмата „Совршениот уметник“ вклучува голем број локални, регионални и меѓународни гости, таа првенствено се фокусира на млади уметници, но може да се приклучат и сите заинтересирани. Учеството во програмата е бесплатно.
Дискурзивно – едукативната програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК за прв пат се одржа во 2017 година и е организирана во рамките на наградата ДЕНЕС за млади визуелни уметници до 35 години.
Наградата ДЕНЕС е награда за млад/а визуелен/на уметник/чка до 35 години во Северна Македонија и е основана во 2002 година, а за прв пат доделена во 2003 година. Таа е дел од меѓународната мрежа Награди за млади визуелни уметници во Централна и Југоисточна Европа и се доделуваше како двомесечен престој во Њујорк, а од 2023 година вклучува нејзино годишно одржување и други новини и резиденции, покрај резиденцијата во Њујорк.
„Совршениот уметник“ и наградата ДЕНЕС се во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ а се поддржани од Trust for Mutual Understanding од Њујорк.