Кредитната агенција „Фич” го потврди кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија на ниво од ББ+ со стабилен изглед, оценувајќи дека земјата продолжува да води кредибилни и конзистентни макроекономски политики. Овие политики се поддржани преку долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобрените показатели за управување во споредба со други земји со слични економски перформанси, како и посветеноста на реформите во процесот на пристапување во Европската унија, соопшти Министерството за финансии.
Според најновиот извештај, „Фич” забележува дека реалниот раст на БДП во 2024 година достигнал 2,8%, надминувајќи ги проекциите благодарение на силната јавна потрошувачка и инвестициите. За 2026 година, агенцијата очекува економски раст од 4% како резултат на реализацијата на проектите на коридорите 8 и 10д. Иако инвестициите остануваат силни, агенцијата посочува дека слабиот раст на продуктивноста и неповолните демографски движења се ограничувачки фактори за среднорочен раст.
Се забележуваат силни приливи на странски директни инвестиции, кои достигнуваат највисоко ниво во последните 17 години и се искачија на 7,1% од БДП во 2024 година. Странските инвеститори се привлечени од високите инвестиции во слободните економски зони. Сепак, и понатаму постои структурно висока невработеност поради недостаток на вештини и нерамномерен регионален економски развој.
Растот на платите за периодот 2022-2024 година изнесува во просек 13% годишно, без да има негативен ефект врз конкурентноста. Во 2024 година, буџетскиот дефицит изнесуваше 4,6%, што е помалку од ревидираниот дефицит од 4,9%, благодарение на повисоките приходи и пониското извршување на капиталните расходи. За 2025 година, „Фич” не очекува значајни промени во буџетскиот дефицит, но позитивно влијание се очекува од воспоставувањето на е-фактурата и грантовите од Планот за раст на Западен Балкан, што би довело до намалување на дефицитот на 4% до 2026 година.
Инфлацијата во 2024 година беше 4,2%, а како главни двигатели на инфлацијата се наведуваат силниот раст на платите, зголемената домашна побарувачка и растот на кредитирањето во приватниот сектор.
Кредитниот рејтинг на земјата е важен показател за степенот на ризик од инвестирање и се изготвува двапати годишно од страна на кредитните агенции „Фич” и „Стандард и Пурс”.