Деаноски: За прв пат откако постои минималецот, Владата сама реши за неговата висина

Владата е најголемиот работодавач во јавниот сектор, кој брои над 129 илјади лица, од кои минимум 25 илјади работници се директно се засегнати од минималната плата. Од УПОЗ повторија дека ова не е зголемување, туку законско усогласување со порастот на трошоците и порастот на платите

Сојузот на синдикатите не е задоволна од фактот дека Владата усвоила информација за утврдување на минималната плата за 2025 година, „применувајќи ги законски утврдените критериуми“, посочи Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ. Според него, за првпат, откако е воведена минималната плата во 2012 година, за тоа не е консултирани работниците и Економско-социјалниот совет.

-Не сме задоволни од ваквиот однос и нема да отстапиме од нашите барања. Владата многу лесно соопшти дека доколку следните месеци дојде до договор меѓу нас и работодавачите за повисок износ, ќе направеле законски измени и дополнително нивелирање. Ја потсетуваме Владата дека таа е најголемиот работодавач во јавниот сектор, кој брои над 129 илјади лица, од кои минимум 25 илјади работници се директно се засегнати од минималната плата. Повторуваме дека ова не е зголемување, туку законско усогласување со порастот на трошоците и порастот на платите. Се уште чекаме да ја одредат нашата репрезентативност. Комисијата е формирана и ќе има седница в петок, а што ќе се реши не можеме да знаеме. За тој ден е закажана и седницата на Претседателството на ССМ, на која ќе се одлучува за нашите следни чекори. Работниците, односно нашите членови ќе одлучат дали ќе одиме на штрајк – рече Деаноски.

Владата завчера соопшти дека минималната плата за 2025 година е повисока за 2.685 денари во бруто износ, односно 1.812 денари во нето износ. ССМ уште од ланскиот првомајски протест бара минималната плата да се зголеми на 27.000 денари. И со новиот законски минималец Македонија ќе има најниска плата во регионот од околу 395 евра, додека во другите земји таа се крена и над 1.000 евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен