Реакција на Студентскиот правобранител на УКИМ за студентското дејствување по трагедијата

Следејќи ги настаните кои ја брануваа студентската заедница предходната недела, не можев а да не се огласам. Предходниот понеделник, на крајно тажен и тензичен собир пред платото на УКИМ кој воопшто не би да се случил доколку системот фукционираше, право на збор си зема самиот систем, односно политичар чиешто место не беше тој ден пред студентите. Лавината на реакции после оваа несовесност на системот, од кои добар дел беа полни со говор на омраза ги сносеше Универзитетското студентско собрание, конкретно Александар Николовски, актуелниот претседател.

Овој понеделник пак, бевме сведоци на студентскиот пленум организиран од Независниот студентски сојуз како што се претставуваат, а кој беше оформен како резултат на незадоволство од говорот на министерката. Токму на тој пленум, она што ми падна во очи кое беше пренесено во медиумите беше студентот кој со мегафон во рака им порача на медиумите дека не се добредедојдени. Во ред, не се добредојдени. Потегот беше непромислен и несоодветен. Во секој случај, и овој студент (без разлика на неговата партиска вклученост) не го заслужи јавниот говор на омраза кој беше проследен на социјалните мрежи.

Ниту Александар, ниту студентот не го заслужија јавниот линч во коментари под постови. И двајцата на крајот од денот, се студенти на УКИМ, дел од истата заедница како што сме и сите ние. Како студенти мораме да сфатиме дека во вакви траорни моменти ad hominem аргументи не ни помагаат. Простор треба да има само за конструктивна критика и солидарност. Како единствената група на луѓе во државата, која е слободна да критикува, протестира и бара системски ресет, ние студентите МОРА ДА ОСТАНЕМЕ ЗАЕДНО без поделби и омраза едни кон други.

Јавно ги повикувувам студентите да присуствуваат на седниците на факултетските студентски собранија и на УСС и да ги дискутираат работите со нивните легитимно избрани студентски претставници. Кажете им каде грешат, што треба да преземат и како да се постават во иднина. Само вистински активна студентска заедница може да го промени системот. Само КОЛЕКТИВНА ИНИЦИЈАТИВА од млади луѓе отворена за различни мислења може да понуди решенија за нефункционалноста во која сме втурнати. Без етикетирање, без дезинформазии, бидејќи сите ја живееме истата сурова реалност.

60 луѓе ни загинаа. Фокусот треба да е кон нив и нивните фамилии и она што можеме да помогнеме. Фокусот треба да е кон нас и нашето живеење понатаму, но во каков систем? Тоа што преостанува е многу јасно – да ја споделиме маката меѓу себе и студентски, солидарно и силно да бараме од интитуциите, во предавалните, на улиците, систем кој работи за нас.

Савче Ѓошева

Студентски правобранител на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Зачлени се на нашиот е-билтен