И покрај рестриктивните решенија кои органите на МАНУ биле принудени да ги донесат поради континуираниот пад на средствата наменети за основната дејност на Академијата, таа успешно и навремено ги реализирала сите активности и настани предвидени со Програмата за работа за 2024 година, оцени првиот човек на Академијата, Живко Попов во експозето на Редовното годишно собрание осврнувајќи се на работата за изминатата година.
Во 2025 предложена е богата и обемна работна програма во која се планирани 75 научно-истражувачки и уметнички проекти од разни области, 36 научни собири (домашни и меѓународни) на одделенијата и истражувачките центри на МАНУ, како и обемна издавачка дејност што ќе опфати 27 периодични и 40 посебни изданија.
Во однос на работата на проекти од посебно значење и во рамки на усвоената Национална развојна стратегија, Попов посочи неколку кои ќе бидат корисни за долгорочен развој на државата, како национална стратегија за развој на енергетиката до 2050, проект за вештачка интелигенција, проект за мапирање и реонизирање на почвите во државава, проект за развој на правосудниот систем, проект за високо образование и научно-истражувачка дејност, проект за изработка на план за борба со малигни заболувања итн. Во оваа пригода претседателот на МАНУ соопшти и иницијатива за подготовка на физибилити студија за формирање нов центар на извонредност за нови технологии на МАНУ.
За да се фокусираат на реализација на плановите, Попов укажа дека се потребни капитални инвестиции, поголем буџет и нови вработувања во админстративната служба.
Оваа година ќе се изработи проект за комплетна реконструкција на објектот на МАНУ кој е изграден во 1976 година. Како што рече, кадровската неекипираност настаната десетина и повеќе години наназад „бара неодложни вработувања за пополнување на испразнети места во клучни сектори – најмалку 10 вработени во административните служби“, за што е поднесено барање до Министерството за финансии.
– За предвидените проекти, тековното функционирање, капиталните инвестиции, развојот на Академијата, науката и друго, неопходна ќе биде силна финансиска поддршка од државата. Во моментот, со новиот буџет за 2025 година состојбата за основната дејност на МАНУ е коригирана, но ние со аргументирана упорност и ентузијазам ќе продолжиме да преговараме со надлежните финансиски институции на државата со цел да добиеме буџет повисок во сите стапки, кој, меѓу другото, ќе овозможи повисоки лични доходи за вработените во Академијата кои доликуваат на МАНУ, како и соодветни државни награди на академиците кои моментално се најниски во регионот. И, што е најважно, нам ни е потребен значајно посилен фонд за научно-истражувачка и уметничка дејност, како и за издавачката дејност која е интегрален дел на основната дејност на МАНУ – истакна Попов.
Во обраќањето тој соопшти дека 2025 е изборна година на МАНУ и ќе биде објавен конкурс за нови членови, нагласувајќи дека Академијата е отворена за сите граѓани кои „ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, без оглед на нивната етничка, верска и каква било друга припадност“.
– Како и досега, така и во овој изборен циклус, МАНУ ќе се залага да го зајакне својот мултиетнички карактер и присуството на заедниците во нејзините редови. Затоа ги охрабруваме заинтересираните кандидати од сите етнички заедници и ги повикуваме сите овластени предлагачи – рече академик Попов.