Браловиќ: Каква и да биде одлуката на Европската комисија, рудник за литиум нема да има

Претседателката на Сојузот на еколошки организации на Србија (СЕОС), Љиљана Браловиќ, изјави дека без разлика каква ќе биде одлуката на Европската комисија (ЕК) за проектот „Јадар“, во Србија нема да има ископ на литиум и дека борбата продолжува.

„Овој проект е погубен. Знаеме дека претседателот и луѓето околу него лобираат за рудникот, бидејќи го гледаат како спас. Мислат дека поддршката на Европа ќе им помогне да останат на власт затоа што го ветиле овој рудник“, изјави Браловиќ за агенцијата ФоНет, додавајќи дека најмалку 65% од граѓаните на Србија се против експлоатацијата на литиум.

Според нејзините информации, ЕК во наредните денови треба да одлучи за стратешките проекти надвор од ЕУ, меѓу кои е и „Јадар“. Браловиќ тврди дека лобистите на „Рио Тинто“ се моќни и упорни, но уверена е дека овој проект нема да се реализира.

„Што и да одлучат, овој проект е штетен за Србија и нема да се спроведе“, категорична е таа.

Борба против „Рио Тинто“

Иако Европската комисија сè уште не донела конечна одлука, компанијата „Рио Тинто“ потврди дека го пријавила проектот „Јадар“ на конкурсот за стратешки проекти на ЕУ, распишан во рамките на Законот за критични суровини (CRMA).

Сепак, дури и ако ЕК го одбие проектот, Браловиќ предупредува дека компанијата нема да се откаже, туку ќе бара нови партнери и алтернативни извори на финансирање.

„Ќе продолжиме да се бориме – ќе испратиме писма до банките. Верувам дека нема да им биде пријатно ако се појавиме со шерпи, лонци и транспаренти, да ги прашаме во каква инвестиција сакаат да влезат. Ниеден банкар не сака такво внимание. Многумина кои располагаат со голем капитал сепак се грижат за екологијата, чистата почва и воздух, па ќе побараат други партнери“, рече Браловиќ.

Писмо до Европската комисија

СЕОС испрати писмо до Европската комисија во кое ја изразува својата загриженост во врска со проектот „Јадар“, нарекувајќи го спорен и контроверзен.

„Како и да одлучи ЕК, рудник во долината Јадар нема да има! Овој проект е штетен за граѓаните на Србија од повеќе аспекти“, се наведува во писмото.

Од организацијата истакнуваат дека проектот е развиван нетранспарентно, во услови на корупција и со кршење на српскиот Устав, националните и меѓународните закони и конвенции.

„Се надеваме дека Европа нема себично да ги гледа само своите интереси на штета на другите. Очекуваме да не ги урне темелите врз кои е изградена, особено во момент кога народот на Србија се бори за европски вредности и против криминалот и корупцијата. Чекаме тест на зрелоста на старата госпоѓа Европа“, стои во пораката на СЕОС.

Зачлени се на нашиот е-билтен