Специјални сили од Северна Македонија, Кипар, Австрија, Бугарија, Франција, САД, Црна Гора, Србија и домаќинот Грција, како и набљудувачи од Египет и Израел ќе учествуваат на меѓународната вежба „ОРИОН 23“ на специјални сили – сили за специјални операции, што од 24 април до 5 мај ќе се одржи во поширокиот копнен и поморски дел на грчките региони Атика и Виотиа.
Од Генералштабот на грчката армија (ГЕЕТА) соопштија дека во конкретниот период ќе се одржат две вежби: Мултинационална воздушна вежба „ИНИОХОС 2023“ и меѓународна вежба на специјални сили – сили за специјални операции „ОРИОН 23“, која е паралелно и во склоп на првата, а во која ќе учествуваат и силите од Северна Македонија.
-Вежбата „ОРИОН 23“ е вежба за развој на стратегии – бази на специјални операции од типот CFX/LIVEX/INVITEX (Command Post Exercise/Live Exercise/Invitation Exercise) и има за цел да го надгради нивото на разбирање и размената на знаење помеѓу учесниците, како и во зголемувањето на оперативните способности на специјални силите – силите за специјални операции во меѓусојузнички контекст, со извршување на сложени оперативни сценарија со зголемена тежина и сложеност, како во копнената, така и во морската средина, како и во областите од стратешко значење, како што се индустриските и енергетски објекти во земјата, соопштија од Генералштабот на грчката армија.
Додадоа дека конкретната вежба секоја година се проширува, „привлекувајќи сè повеќе специјални сили од пријателски и сојузнички земји“.
„ОРИОН 23“ ќе се одржи паралелно и во склоп на Мултинационалната воздушна вежба „ИНИОХОС 2023“ во која со воздухопловни средства ќе учествуваат домаќинот Грција, САД, Кипар, Индија, Јордан, Шпанија, Италија, Саудиска Арабија, Словенија, а Австрија и Канада ќе имаат само воен персонал,додека пак учеството на Германија, Обединетите Арапски Емирати, Мароко, Црна Гора, Бахреин, Словачка и Тунис е на ниво на набљудувачи.
Според Генералштабот на грчката армија вежбата „ИНИОХОС 2023“ „има за цел да ја зајакне соработката и интероперабилноста меѓу вооружените сили на земјите учеснички, преку спроведување напредна оперативна обука и извршување сложени и тешки сценарија кои симулираат реални оперативни услови“.
Двете вежби, како што соопштија од ГЕЕТА се во рамките на меѓународните активности што ги организира и координира Генералштабот на грчката армија. (МИА)