Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нова шема: Како во Германија брутално ги експлоатираат источноевропејците

Ги сместуваат во мизерни станови по надуени цени, им задржуваат пари за патување до работното место, дури им се закануваат со смрт ако не ги следат упатствата: во Германија има нова шема за искористување на источноевропејците.

Понижувачки услови за живот и работа: во Германија денес овие проблеми требаше да се исчезнати, откако во 2021 година во земјата беше воведена забрана за склучување договори со подизведувачи во индустријата за преработка на месо. Сепак, по должината на границата со Холандија, сега е воспоставена нова шема за наоѓање работници: посредници кои обезбедуваат персонал од странство наголемо купуваат и изнајмуваат имоти во покраината Северна Рајна-Вестфалија – и таму ги сместуваат работниците, откри истрагата на германскиот јавно-правен медиум SWR. Но, овие работници не работат во Германија, туку во Холандија.

Пропустите во правниот систем

Во Холандија странски работници работат за посредници. И иако живеат во Германија, забраната за подизведувачи во индустријата за преработка на месо не ги засега. Од друга страна, сместувајќи ги во станови во Германија, посредниците ја избегнуваат строгата контрола на холандското трудово право. Резултатот е: мизерни услови за работа со превисоки кирии и чести принудни иселувања од живеалиштата.

„Во моментов, компаниите-посредници најмногу печалат од живеалиштата и транспортот“, изјави за SWR синдикалецот Пагонис Пагонакис. „Работниците плаќаат во просек од 350 до 400 евра за душек. Им се наплаќаат уште 50 евра за транспортни трошоци до работното место. Така компаниите посредници ги остваруваат своите најголеми профити.

Односот кон работниците е брутален

Авторите на „Репорт Мајнц“ на ТВ SWR, кои работеа на истрагата, поседуваат холандски договори за вработување според кои киријата и транспортните давачки директно се одбиваат од платите на работниците. Истрагите на германските медиуми откриваат и дека ангажираните работници често немаат писмени договори за изнајмување на живеалиштата.

Саша Рулфс, кој е вработен во хуманитарна организација блиску до границата, вели дека во регионот постојано се среќаваат бездомници, бидејќи губењето на работата довело до нивно иселување и исфрлање од местата каде што престојувале. Работниците не ги знаеле своите права, биле многу вознемирени и чувствувале голем страв, изјави тој за SWR.

Тоа го потврдува и раскажувањето на романскиот работник Еуген (името е променето), со кого репортерите на германските медиуми разговарале непосредно пред неговото заминување за Романија. „Бев болен и не можев да работам. Координаторот ми рече дека сепак морам да дојдам, но не можев. Потоа ми нареди: „собери си ги работите“. Ми се закани дека ако не си одам, ќе ме убие со свои раце. Го прашав „каде да одам?“, „беше ноќ и немав пари“.

Работниците се изложени на брутален третман од страна на работодавците, вели синдикалецот Пагонакис.

Нов закон без доволен ефект

Минатата година во Германија беа покренати бројни истраги против понижувачките услови за живот на наемните работници. Владата во Северна Рајна-Вестфалија дури донесе закон врз основа на кој властите ќе треба да бидат информирани доколку некој дом се користи за сместување на привремени работници во него. Сепак, властите немаат доволно информации за реалниот број на луѓе кои живеат во одредено живеалиште, ниту можат да утврдат дали се почитуваат правилата за заштита од пожари, градежните прописи и барањата за сместување според законот за заштита на трудот, наведува SWR, цитирајќи портпарол на локалните власти.

Адвокатот Клаус Кернер, кој доброволно ги советува наемните работници, изјави за SWR: „Оние кои ги подизнајмуваат становите со надуени кирии може да добијат казни од шест месеци до десет години. Но, дотаму не доаѓа, бидејќи работниците не се жалат – ги одвраќаат да ги пријавуваат злоупотребите, дури и со насилство – ако е потребно“. (МИА/Дојче Веле на бугарски јазик)

Зачлени се на нашиот е-билтен