Претседателот на Собранието, Гаши го честиташе Велигден

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Африм Гаши упати честитки до граѓаните од христијанска вероисповед, по повод Велигден.

„Во овие светли денови на радост и духовна обновеност, дозволете ми од свое лично име и од името на Собранието на Република Северна Македонија да Ви ги честитам Велигденските празници. Велигденската порака е порака на надеж и обнова. Овој значаен празник е можност повторно да се потсетиме дека заедничките вредности како што се меѓусебното почитување, солидарноста и човечката добрина се суштински за напредокот на секое општество“, се наведува во честитката.

Како граѓани на нашата заедничка татковина, се додава, нашата должност е заеднички да градиме мостови на разбирање, хармонија и мир, кои ќе бидат цврст темел за просперитетна и стабилна иднина.

„Нека овие велигденски денови бидат исполнети со семејна среќа, лична радост и заеднички спокој, поттикнувајќи нè да се соочуваме со сите предизвици преку позитивни примери и меѓусебна поддршка. На сите вас, драги пријатели, ви посакувам мир, добро здравје и благосостојба, и да го поминете Велигден во топлина и љубов со вашите најблиски. Честит Велигден!“, стои во честитката од претседателот на Собранието Африм Гаши.

Зачлени се на нашиот е-билтен