Бројни врвни уметнички содржини од областа на музиката, театарот, балетот и визуелни уметнички доживувања, со настап на стотици уметници од целиот свет. Тоа го најавува денеска презентираната програма на годинешното јубилејно 65-то по ред издание на најголемата музичка и сценска културна манифестација во земјата, Фестивалот „Охридско лето“.
Отворањето на фестивалот, што секоја година нуди содржина со особен квалитет, оваа година и припаѓа на американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи, која на 12 јули на Античкиот театар ќе настапува под диригентска управа на Едвин Оутвотер, заедно со уметниците од оркестарот на Македонската филхармонија. За свеченото отворање пред медиумите е најавено посебно уметничко доживување, музичко-визуелно патување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии за кои е задолжен дизајнерот Рафаел Карико.
На денешната прес-конференција по повод годинешното фестивалско издание свое обраќање имаше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека благодарение на „Охридско лето“ градот Охрид станува центар на меѓународно внимание, со илјадници посетители туристи, љубители на културата, уметници и медиуми кои доаѓаат во Охрид да го почувствуваат спојот на уметноста, природата и историјата.
– Фестивалот „Охридско лето“ не само што ја промовира културата, туку и го поттикнува културниот туризам, ја јакне економијата и ја позиционира Македонија на културната и туристичка мапа на Европа и светот. Оваа поддршка ја годинава Министерството издвои 31 милион потврдуваме и конкретно денари за реализација на фестивалот, како вложување во културата која инспирира и обединува, рече тој.
Љутков упати отворена покана до сите граѓани и посетители ова лето да бидат дел од магијата на Охрид во прослава на музиката, театарот, уметноста…
Директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, од своја страна посочи на моќта на уметноста да го променува општеството, да инспирира и да создава нови перспективи…Таков е и програмскиот наслов на годинешното фестивалско издание -„Уметноста трансформира“, што укажува на висококвалитетната програма на фестивалот вклучува настапи од реномирани уметници и групи, правејќи го Охрид место каде што се спојуваат традицијата и современите уметнички изрази.
Зборувајќи за програмата, Љутков посочи дека меѓу другото „Охридско Лето“за првпат излегува од рамките на познатите сцени…Во таа насока го најави мега-спектаклот „Кармина Бурана – Симфонија на Битовите“ во изведба на повеќе од 70 уметници на сцена.
– При концепирањето на програмата запазени се највисоките критериуми на фестивалот со што со гордост го најавувам кремот на светската музичка елита во Охрид. Би ги издвоил најеминентните пијанисти Михаил Пљетњов, Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, виолончелистот Даниел Мулер Шот како и легендарната кастањета уметница Лучера Тено во дуо со еден од најзастапените светски харфисти Хавиер де Маестре како и многи други, рече тој.
Во музичкиот дел од програмата се и настапите на гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија, како и оркестарот Симфониета ди Болоња како претставници на најпрестижните национални оркестри во светот воопшто.
Програмата предвидува и претстава за деца, како и два џез-концерти меѓу кои еден на познатиот охридски уметник Дамјан Пејчиновски, како и настап на Националниот Џез Оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути, како обид на фестивалот да ја збогати понудата и да се допре и до најсофистицираните уметнички уживатели.
Што се однесува на драмскиот дел, Фестивалот „Охридско лето“, најавувува незаборавни мигови со реномирани театарски продукции и две премиери.
– Уживателите на театарот оваа година ќе имаат можност да ја видат претставата која е најнаградувана годинава воедно е и претстава на годината „12“ во продукција на Македонскиот народен театар. Монодрамата со Игор Ангелов, повторно излегувајќи од стандардните сцени на посебно место кое се вклопува во целата приказна и ќе биде доживување за публиката. Годинава на програмата ќе бидат одиграни две премиери во продукција на Турскиот театар од Скопје и Драмски театар од Скопјe, рече Љутков.

За последниот фестивалски ден и спуштањето на завесата сцената на Античкиот театар е резервирана за театарската претстава „Електра“ во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Театартската асоцијација од Јужна Кореја и НУ „Охридско лето“.
Селекторот на музичката програма, Симона Ѓорчева, рече дека годинешниот избор на уметници е направен со интензивен ангажман, во тесна и секојдневна соработка со сите засегнати страни и институции, постојана размена на идеи и информации, како и детално усогласување на музичко-културните аспекти и особености.
Станува збор за 29 музички настани, со учество на повеќе од 300 уметници од САД, Европа и Кина.
– Целта на музичката програма беше да создадеме платформа за културна размена на врвно ниво — со уметници чиј втор дом се најреномираните светски концертни сали. Сакавме да покажеме кои се нашите вредности, но и со искрен интерес да ги чуеме нивните. Да изградиме простор што ќе биде топол дом, каде и уметниците и публиката ќе се враќаат со радост. Благодарение на динамична тимска работа, за рекордно кратко време успеавме да составиме програма која, верувам, ќе ја одобри и ќе ја воодушеви и публиката, рече таа.
Режисерот Ненад Витанов кој е задолжен за драмската фестивалска програма рече дека за годинава на понуда ќе биде мозаик од најразлични жанрови и стилови, уникатни креации на врвни актери, иновативни и современи читања на класични и современи дела на светскиот театар, постановки на мајстори на режисерскиот занает, визуелни слики кои креираат нов свет пред нашите очи.

– Сигурен сум дека ќе биде провокативно и инспиративно за театарската публика да се проследат дејствијата на претставите кои се протегаат низ пет векови актуелизирајќи ги одново вечните човекови сомнежи, копнежи, идеали, разочарувања, воздигнувања, стремежи, очекувања, откажувања, борби, победи, порази, уверувања, жртвувања, мечтаења, соништа…рече тој.
Инаку, од денеска програмата за годинешното „Охридско лето“ во целост е објавена на фестивалската интернет-страница, а наскоро стартува и електронската продажба на билетите, како и на билетарницата на „Охридско Лето“ во Охрид.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова и со поддршка на Министерството за култура, Општина Охрид, како и голем број спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот.