ВО ЖИВО Очите на светот вперени кон Рим – Сè е подготвено за погребот на Папата Франциск

Рим денеска е во центарот на светското внимание, каде што се одржува погребот на папата Франциск, кој почина на Велигденски понеделник на 88-годишна возраст. Илјадници верници и голем број светски лидери пристигнаа во главниот град на Италија за да му оддадат последна почит на поглаварот на Римокатоличката црква.

Во изминатите три дена, повеќе од 250.000 луѓе поминаа покрај неговото тело, кое беше изложено во отворен ковчег.

Литургијата започнува во 10 часот

Погребната церемонија ќе започне во 10 часот во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, каде што се очекува да присуствуваат бројни верски и политички претставници од целиот свет.

Зеленски сепак пристигна – се разгледува средба со Трамп

Иако претходно беше најавено дека Украина ќе ја претставуваат првата дама Олена Зеленска и шефот на дипломатијата, утринава во Рим сепак пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Неговиот портпарол за агенцијата АФП изјави дека се разгледува можноста за состанок меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, кој исто така се наоѓа во Рим.

Доналд и Меланија Трамп пристигнаа во Италија

Американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп веќе пристигнаа во главниот град на Италија. Ова е првото патување на Трамп во странство откако го започна вториот мандат во Белата куќа.

Фотографиите од утринските часови ја прикажуваат интензивната атмосфера на плоштадот „Свети Петар“, каде што војската, полицијата и црковниот персонал ги финализираат подготовките за церемонијата. Граѓаните пристигнуваат од рано утринава, носејќи цвеќе, икони и знамиња со ликовите на папата.

Зачлени се на нашиот е-билтен