Епилог на аферата „Фајзергејт“: Европската комисија загуби на суд по сите точки

Врховниот суд на Европската унија ја поништи одлуката на Европската комисија со која ѝ беше ускратен пристап на „Њујорк тајмс“ до пораките што ги размениле претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла. Судот оцени дека Комисијата не успеала на уверлив начин да објасни зошто не ги поседува тие пораки.

Ова е кулминација на повеќегодишната правна битка меѓу Европската комисија и американскиот весник околу транспарентноста на договорите за набавка на вакцини против ковид-19 од компанијата „Фајзер“.

Според пресудата на Европскиот суд на правдата, Комисијата не може едноставно да тврди дека не поседува бараните документи – таа мора да понуди веродостојни објаснувања кои ќе ѝ овозможат на јавноста и на судот да разберат зошто документите не можат да се пронајдат.

Судот утврди дека „Њујорк тајмс“ доставил релевантни и конзистентни докази за постоење на СМС-комуникација меѓу Фон дер Лајен и Бурла во врска со набавката на вакцините.

Постоењето на пораките беше откриено уште во 2021 година, за време на интервју на Бурла за весникот. Но, обидите за добивање на содржината од тие пораки наидоа на бројни пречки. Комисијата тврдеше дека не може да ги достави бидејќи – наводно – не ги поседува.

По повеќе неуспешни обиди, весникот го покрена случајот пред Европскиот суд на правдата во јануари 2023 година.

Судот сега утврди дека Комисијата не дала јасен одговор дали пораките биле избришани, а ако биле – не е објаснето дали тоа било направено намерно или автоматски.

Зачлени се на нашиот е-билтен