ЕУ го усвои 17. пакет санкции против Русија – на удар се и компании од Србија

Европската унија го одобри 17. пакет санкции против Русија, во рамки на продолжениот економски и политички притисок врз Москва поради нејзината инвазија врз Украина. Според информациите на агенцијата Nexta, новите санкции добиле зелено светло и ќе бидат формално усвоени наредниот вторник.

Пакетот вклучува нови забрани, ограничувања и „црни листи“, насочени кон рускиот извоз, воената логистика и политичките елити. Посебно на удар е т.н. „сенишна флота“ на Русија – 149 танкери што служат за прикривање на потеклото и дестинацијата на руската нафта за да се избегнат европските ограничувања.

Според Financial Times, санкциите овојпат се прошируваат и надвор од границите на Русија. Под истрага се најдоа компании од трети земји – Обединетите Арапски Емирати, Турција, Србија, Виетнам и Узбекистан – кои, според ЕУ, се дел од синџирот на снабдување што ѝ помага на Русија да ги заобиколи санкциите.

На црната листа – танкери, компании и функционери

Агенцијата AFP објави дека на „црната листа“ ќе бидат додадени уште 200 танкери осомничени за учество во транспортирање руска сирова нафта спротивно на забраните. Дополнително, одредени компании од Србија, Турција и Виетнам ќе се соочат со санкции поради сомнежи за соработка со руската воена индустрија – преку набавка на опрема и материјали.

Санкциите опфаќаат и нови руски политички и воени функционери, кои ќе се најдат на листата што веќе содржи над 2.400 поединци и субјекти. Тие ќе се соочат со замрзнување на имот во ЕУ, забрана за влез и издавање визи. Обвиненијата вклучуваат кибер-напади, прекршување на човекови права и саботажи на територијата на ЕУ.

Иако првичните очекувања беа дека новиот пакет ќе биде посеопфатен, европски дипломати признаваат дека мерките се „релативно ограничени“ во споредба со претходните рунди. Причината, според дипломатски извори од Брисел, е тешкотијата да се постигне консензус меѓу членките на ЕУ, особено во делот што се однесува на земји со силни економски врски со Русија.

Паралелно со санкциите, ЕУ засилува и дипломатскиот притисок. Европските лидери ја предупредија Москва дека ќе следуваат „масовни санкции“ ако не прифати предложено 30-дневно примирје, поддржано и од САД.

Путин: „Санкции? Идиоти.“

На новите мерки од Брисел реагираше и рускиот претседател Владимир Путин. На средба со претставници на бизнис-заедницата „Деловна Русија“, тој саркастично ги коментираше потезите на ЕУ.

„Сами си нанесуваат штета со многу одлуки. Викаат дека нема да направат нешто оти им штети, ама сепак го прават тоа. Идиоти. Простете ми на изразот, ама што друго да кажам? Водечките светски економии влегуваат во рецесија само за да ѝ наштетат на Русија“, изјави Путин, алудирајќи на економските последици што ги трпат европските држави поради сопствените трговски ограничувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен