За дел од експертите, договорот со Велика Британија е сличен на минатите договори кои ги имаа склучено претходните премиери уште од независноста на државата.
-Македонските политичари отсекогаш љубеле да ветуваат милијарди, почнувајќи од милијардата на Циле од 1998, преку 8-те милијарди на Груевски од 2009, па сѐ до 8-те милијарди на Заев од 2021. Сите добро знаеме што се случи со тие ветувања, така што навистина не гледам зошто сега би било поинаку, вели за „Локално“, професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Според него, ова се претставува како стратешко партнерство со Британија, што дава некоја тежина, ама деталите од договорот никој не ги видел, а од она што беше кажано, впечатокот е дека договорот само дава основа за соработка во тој обем, не дека тоа и навистина ќе се случи.
-Конкретните проекти кои беа најавени од министерот Николоски – железницата и болниците во Штип и Тетово – се стари проекти, кои се спомнуваат со децении, и никако да се реализираат. Доколку се реализираат сега, се разбира дека тоа ќе биде добро, ама јас останувам скептик околу тоа, посочува Јовановиќ.